Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со разлика од еден месец во однос на терминот за избори

Фото: Слободен печат

Двете најголеми партии од македонскиот блок излегоа со првични проценки за терминот за избори. За СДСМ, најоптимално би било изборите да се одржат кон средината на јуни, а за ВМРО-ДПМНЕ најбрзо што можат да се создадат услови за избори е средината на јули.

Двајцата лидери на партиите вчера на гостувањето на телевизија 24 останаа на своите добро познати ставови околу одржувањето на изборите.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека доколку ситуацијата со коронавирусот дозволи одржување на избори, тогаш има доволно веме до средината на јуни да се завршат сите активности.

– Мора да бидеме одговорни кон државата, да го прифатиме првиот момент за избори. Најоптимално, тоа би било во средината на јуни, порача Заев.

Дополнителни причини за одржување на изборите во најкраток рок, според Заев, се и можниот втор пик на вирусот, немањето Парламент и постоењето на техничка, а не политичка влада.

Неговиот опомент Христијан Мицковски останува на ставот дека сега не е време за избори, туку за справување на последиците со пандемијата од коронавирусот и во здравствена и во економска смисла. Најбрзо што може да се создадат услови за избори, според Мицковски, е средината на јули со оглед на тоа што и ако теоретски не се продолжи вонредната состојба, која истекува во средината на мај, на ДИК и се потребни најмалку 50-до 60 денови за подготовка.

Не треба да има сега избори, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи сега сме во епидемија односно пандемија, во која на дневна основа се бројат луѓе кои се заразени и луѓе кои го губат животот. Не е во ред, смета Мицковски, во ек на кампања, да се бројат новозаразени и евентуално починати лица.

И министерот за надворешни работи Никола Димитров смета дека доколку епидемиолозите и експертската јавност проценат дека има услови за одржување на избори, тие треба да се одржат.

– Ако ситуацијата со пандемијата се смирува, ако гледаме држави кои ќе одат на избори, тогаш е добро тоа да се направи. Се разбира, првиот приоритет е здравјето на граѓаните, истакна вчера Димитров во интервју за Топ Тема на телевизија Телма.

Според шефот на дипломатијата, на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски треба да се разговара за изборите.

Ист став има и лидерот на СДСМ кој најави дека на лидерската ќе побара одржување на избори во најкус можен рок, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ очекува да се разговара пред се за актуелната состојба и за здравствената и економската криза, но не ја исклучува можноста да се разговара и за изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот