Лидерите на политичките партии во Косово ги повикаа граѓаните масовно да излезат на локалните избори

Албин Курти / Фото: Armend NIMANI / AFP / Profimedia

Највисоките претставници на политичките партии и институции во Косово денеска ги повикаа граѓаните масовно да излезат на локалните избори и да ги изберат најдобрите кандидати за градоначалници и советници во 38 општини на Косово, јави Бета.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу, изјави дека денеска сите гласаат за квалитетот на животот во општините во кои живеат.

– Без разлика за која општина гласате, се надевам дека уште еднаш ќе го докажеме нашиот демократски дух преку најголемо можно учество во фер и слободен процес, почитувајќи ги мерките против коронавирусот, рече Вјоса Османи Садриу.

Премиерот на Косово, Албин Курти, откако гласаше, ги повика граѓаните на Косово да го искористат своето граѓанско право.

– Граѓаните на Косово денеска одлучуваат кој ќе одлучува, се одредува кои ќе бидат нивните лидери. Ги повикувам сите граѓани да го искористат овој момент на демократија, рече Курти.

Претседателот на Демократската партија на Косово, Мемљи Красниќи, откако гласаше рече дека, како граѓанин на Приштина, го сака најдоброто за „неговата земја, за својот град”.

– Се надевам дека сите граѓани ширум Косово ќе го искористат своето демократско право да ги изберат најдобрите кандидати, оние во кои граѓаните имаат доверба, рече Красниќи.

Претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, Љумир Абдиџику, изјави дека го искористил своето основно право на глас, а денешниот ден го оцени како „ден кога донесувањето одлуки им се враќа на граѓаните”.

– Денеска е, се разбира, празник бидејќи донесувањето одлуки се враќа кај нашите граѓани и нема ништо поубаво од тоа кога граѓаните одлучуваат за својата иднина, рече Абдиџику.

 

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот