Лидерите на ЕУ подготвени да подржат заедничко купување муниција за Украина

Зеленски и лидерите на ЕУ/ Фото EPA-EFE/UKRAINIAN PRESIDENTIAL PRESS SERVICE

Лидерите на Европската унија на самитот во Брисел денеска соопштија дека се подготвени во следните 12 месеци да го поддржат планот за испраќање во Украина на еден милион парчиња артилериска муниција за да и помогнат на земјата да се спротивстави на руските сили.

Веста ја соопштија неколку високи дипломати на Европската унија, нагласувајќи дека министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ претходно неделава го одобрија планот за забрзана процедура за купување, а лидерите на 27-те земји членки на Унијата конечната одлука ќе ја донесат на самитот во Брисел, пренесоа американските медиуми.

Откако по повеќе од една година интензивни борби Украина се соочи со недостиг на муниција естонската премиерка Каја Калас минатиот месец ја претстави идејата ЕУ да донесе заеднички план за набавки на муниција сличен на оној што беше смислен за време на пандемијата на коронавирус за купување вакцини.

„Најитната потреба на Украина е брзото испраќање муниција, бидејќи тоа може да донесе промена во оваа војна“, рече Калас.

Според планот, Европската агенција за одбрана ќе одговори на барањата на земјите-членки за надополнување на залихите паралелно со испораките и ќе води брза процедура за директни преговори со добавувачите на индустријата за муниција во Европа.

„Кога ќе ја имаме оваа заедничка набавка, одбранбената индустрија ќе има нарачки и можност да го удвои своето производство, бидејќи тоа досега не го правела“, изјави Калас.

Според различни проценки, Украина дневно истрелува 6.000-7.000 артилериски гранати, што е само околу една третина од вкупниот број што го истрелува Русија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот