Лидерите на ЕУ на Самитот во Тирана: Имаме одговорност кон балканските земји

Албанскиот министер Еди Рама го пречека францускиот претседател Емануел Макрон на самитот во Тирана / Фото: Ludovic MARIN / AFP / Profimedia
Албанскиот министер Еди Рама го пречека францускиот претседател Емануел Макрон на самитот во Тирана / Фото: Ludovic MARIN / AFP / Profimedia

Со пораки за поддршка на Западен Балкан и неговото приближување до Европската Унија, лидерите на ЕУ се појавија на почетокот на Самитот во Тирана.

Францускиот претседател Емануел Макрон на доаѓањето на Самитот рече дека војната во Украина е безбедносно прашање за целиот регион, додавајќи дека енергетиката и процесот на интеграција се две други важни прашања за кои денеска ќе разговараат лидерите на регионот и на Европската унија.

-Среќен сум што сум денеска во Албанија, му благодарам на премиерот Рама за овој важен самит. Во рамките на чешкото претседавање имаме конкретни проекти за разговор. Важно е да има конкретни проекти за енергетиката и процесот на интеграција. Важно е да се работи на понатамошна солидарност. Ќе имаме можност да подготвиме заклучоци за енергијата, рече Макрон.

Чешкиот премиер Петр Фијала, пак, оцени дека зближувањето на ЕУ и земјите од Западен Балкан успева. Камко што рече, тоа што средбата по првпат ќе се одржи во регионот, претставува сигнал за поддршка за многу блиските партнери ЕУ.

– Приближувањето успева, како што покажува и денешниот Самит, кој првпат директно се организира во регионот на Западен Балкан. Тоа е јасен сигнал за поддршка за земјите кои се многу блиски партнери на ЕУ. Стабилноста во регионот е во интерес на ЕУ, изјавил Фијала за новинарите во Прага пред да замине за Тирана.

Премиерот на Чешка, која ќе претседава со ЕУ до крајот на годината, најави дека на Самитот ќе разговараат и за заедничката платформа на ЕУ и Западен Балкан за набавка на гас и водород и конкретни чекори за ублажување на последиците од руската инвазија на Украина врз цените во Европа, во кои би можел да учествува и Западен Балкан.

– Во тензична ситуација, ова треба да доведе до пониски цени и поголема достапност на изворите на енергенси. ЕУ му помогна на Западен Балкан со пакет од една милијарда евра да ја намали зависноста на регионот од рускиот гас, рече Фијала.

Важна тема на Самитот, според Фијала, ќе биде и илегалната миграција преку балканската рута, и во овој контекст тој смета дека важен елемент во борбата против илегалната миграција ќе биде брзото усогласување на визната политика во регионот со визната политика на ЕУ.

– Заштитата на Шенген зоната треба да се премести на југ, пред нејзините граници. Западнобалканската траса ја користат шверцери. Мораме да ги спречиме овие трговци со човековите несреќи и да го намалиме бројот на илегални мигранти. ЕУ и нејзините земји-членки ги поддржуваат земјите од Западен Балкан да ги заштитат своите граници, истакна чешкиот премиер.

За првпат по преземањето на функцијата и италијанската премиерка Џорџија Мелони пред почетокот на самитот во кусата изјава за медиумите рече „имаме голема одговорност кон балканските земји“.

-Ние имаме голема одговорност кон земјите од Балканот, особено по руската агресија. Важно е да се заврши процедурата за членство и има многу прашања на кои треба да работиме заедно, за економијата, кибер-безбедноста и други прашања, за кои знаете дека Италија е посветена. Ќе дадеме сѐ од себе, сметајте на Италија, изјави Мелони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот