Лица од 88 држави се сопственици на бизниси во Македонија

Жени со заштитна маски на плоштад „Македонија“ во Скопје ковид-19 коронавирус
Жени со заштитни маски на плоштад „Македонија“ во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
Во регистарот на вистински сопственици се запишани приближно 70150 различни физички лица. Од нив, 93,5 проценти се македонски државјани, 0,5 проценти се странци со регулиран престој, а останатите 6 проценти, односно околу 4300 лица се странци, информираше денеска директорката на Централниот регистар на Република Северна Македонија, Марија Бошковска Јанковски.

На денешната прес-конференција на која беше соопштена генералната слика од досега поднесените пријави во Регистарот на вистински сопственици, Бошковска Јанковски информираше дека странците доаѓаат од 88 држави, а најмногу вистински сопственици странци се запишани од Турција, Бугарија, Србија, Грција и Германија.

 

За приближно 59.000 субјекти е запишан еден единствен вистински сопственик, а најголем број сопственици запишани за еден правен субјект е 34, а тоа е Стопанска интересна заедница за заштитни друштва во Северна Македонија. Најголем број субјекти каде што едно лице се јавува како вистински сопственик е 25, а околу 62.200 лица се јавуваат како вистински сопственици на само еден правен субјект.

Најголемиот дел, односно 69.025 лица се запишани како вистински сопственици преку индикаторот директна сопственост, 2.755 преку индикаторот индиректна сопственост и 11.799 лица преку индикаторот на друг начин остварува контрола или контролна функција.

– Вкупно 69.284 правни субјекти пријавиле вистински сопственик во законскиот рок, што претставува околу 90 проценти од вкупниот број субјекти што имаат обврска за влез. Најголемиот дел од оние кои не се регистрирани се субјекти кои подолг временски период немаат економска активност, ниту контакти, ниту сметка во банка, сподели Бошковска Јанковски.

Таа дополни дека се очекува овој процент и дополнително да се зголеми со оглед на тоа што правните субјекти што немаат пријавено вистински сопственик ќе се соочат со пречки во работењето во правниот и во финансискиот промет.

Од субјектите кои што поднеле пријава околу 47.600 се Друштва со ограничена одговорност со едно лице – ДООЕЛ, околу 9.600 се Друштва со ограничена одговорност – ДОО, 285 се акционерски друштва, околу 6.030 се здруженија на граѓани и 5.768 останати субјекти со други организациски облици.

Акционерските друштва што котираат на берза, трговците поединци, самостојните вршители на дејност, буџетските корисници, субјектите во државна сопственост, како и субјектите кои се во постапка на стечај и ликвидација, како што кажа, се изземени од обврската за упис во регистарот, бидејќи податоците за нивните вистински сопственици се законски дефинирани, а тие се околу 20.040 субјекти.

Бошковска Јанковски информираше дека од 28 април 2021 година сите податоци од регистарот се достапни до надлежните институции и за субјектите кои согласно законската регулатива преземаат мерки за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Исто така, информации со ограничено множество на лични податоци за вистинските сопственици согласно регулативата за заштита на личните податоци се достапни и за целата јавност.

Одговарајќи на новинарско прашање таа дополни дека секојдневно се вршат нови уписи на правни субјекти.

– Штом се извршува основање на некој правен субјект, во рок од 8 дена мора да го запише и вистинскиот сопственик на тој правен субјект кој што е новорегистриран. Доколку старите правни субјекти до 28 април не ја исполниле својата законска обврска, тие ќе бидат исклучени од правниот и од платниот промет, односно, не ќе можат да извршат никаква банкарска трансакција, ниту пак ќе можат да егзистираат во правниот промет, кажа Бошковска Јанковски.

Таа потсети на обврската тековно да се ажурираат податоците за регистарот на вистински сопственици на субјектите, не само поради предвидените глоби и контрола од страна на банките, сметководителите и други субјекти кои спроведуваат мерки и активности за спречување на перење пари и финансирање тероризам, туку и поради тоа што смета дека преку оваа транспарентност ќе доведе до унапредување на условите за водење бизнис во нашата држава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот