Личноста ќе биде пресудна при изборот на заеднички кандидати за градоначалници со ДУИ

Зоран Заев СДСМ
Фото: СДСМ

Врз основа на анализи треба да ги правиме и коалициите и соработките. Со нашите партнери очекувам да имаме најголем процент соработка уште во првиот круг, во еден дел во вториот круг, а во еден дел по изборите ќе се составуваат коалициите, изјави партискиот лидер Зоран Заев

До крајот на јули ќе одржиме средба за евентуална соработка на локално ниво со ДУИ, иако работните групи веќе имале контакти за таа цел, изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев по седницата на партискиот Извршен одбор прексиноќа, на која беа дефинирани првите 30 кандидати за градоначалници пред локалните избори кои во земјава треба да се одржат во втората половина на октомври.

– Еден од условите за да седнеме заедно е да имаме профилирани кандидати. Партиите имаат влијание, но пресудна е личноста. Врз основа на тие анализи треба да ги правиме и коалициите и соработките на локалните избори. Со нашите партнери очекувам да имаме најголем процент соработка уште во првиот круг, во еден дел во вториот круг, а во еден дел по изборите ќе се состават самите коалиции – изјави Заев.

До СДСМ биле поднесени 630 кандидатури за градоначалници и пет илјади кандидати за советници преку можноста за самокандидирање и постапките на партијата.

– Пресудни за одлуките беа анкетите, спроведени меѓу граѓаните на овие 30 општини. Сите овие кандидати за градоначалници и градоначалнички кои ги објавуваме во оваа прва фаза се дел од најдоброто, блиски до граѓаните, чесни, одговорни, со конкретни планови и решенија. Нема поголема чест и обврска да им се служи на своите граѓани. СДСМ тоа во изминатите години го правеше најдобро што можеше и ќе продолжи да го прави уште подобро и во иднина – изјави Заев.

Објавени имињата на досегашни градоначалници

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, синоќа по седницата ги соопшти имињата на првите 30 кандидати за градоначалници на кои владејачката партија ќе им даде поддршка и додаде дека врз основа на анкетите го избрале најдоброто.

За кандидати за градоначалници се утврдени: Перо Костадинов за Валандово, Миликие Халими за Арачиново, Благојчо Шапов за Богданци, Зоран Зимбаков за Босилово, Велими Смилевски за Бутел, Маријан Јанев за Василево, Сашо Јанковски за Вевчани, Ивица Димитров за Виница, Роберт Бешовски за Градско, Горан Трајковски за Делчево, Лазе Петров за Демир Капија, Анго Ангов за Дојран, Борче Гиевски за Зелениково, Јордан Насев за Карбинци, Филип Темелковски за Кисела Вода, Благојчо Илиев за Конче, Томе Христовски за Крушево, Аце Велковски за Лозово, Медад Куртовски за Маврово-Ростуше, Љубе Кузмановски за Новаци, Костадин Георгиевски за Охрид, Елизабета Зелениковска за Петровец, Славчо Пандурски за Пехчево, Драган Анастасов за Пробиштип, Живко Гошаревски за Ресен, Стојан Николов за Росоман, Жаклина Јовановска за Старо Нагоричане, Горан Стојановски за Чашка, Сашко Николов за Штип и Петрe Шилегов за Градот Скопје.

И за другите кандидати, за кои ќе информираат дополнително, ќе се спроведе истата постапка – преку анкети и анализи , по што ќе пресече раководството на партијата.

– Не станува збор за фаворизирани општини. На пример, за општините за кои со сигурност знаеме дека ќе победиме, како Струмица, Центар, Куманово, Карпош, Крива Паланка и други, ќе ги објавиме во следните фази, затоа што за нив постапките ќе завршат до крајот на овој месец и средината на август – изјави Заев.

Родовата застапеност е во советничките места

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа што повеќето објавени кандидати се актуелните градоначалници, Заев рече дека тоа за СДСМ е сериозна потврда дека успешно сработиле.

За Куманово, Центар, Прилеп, Битола, Карпош и Струмица, Заев нагласи дека анкетите покажуваат дека тројцата фаворити-кандидати на СДСМ ги победуваат сите потенцијални противкандидати, но ќе направат и втора и трета анкета.

– Сакаме да знаеме како стојат кај помалубројните етнички заедници, сакаме да знаеме како кога кандидираме кандидат од помалубројните етнички заедници реагираат Македонците и другите помалубројни етнички заедници. Ќе покажеме уште еден исчекор во духот за едно општество за сите токму преку кандидатите. На крајот доминантен ќе биде гласот на граѓаните – изјави Заев.

Прашан за малиот број жени кандидатки, Заев посочи дека родовата застапеност, согласно Статутот на партијата, е во советничките места.

– Овде се бира само еден кандидат, и тоа не може да го поделите на ниво на Северна Македонија 50-50, а притоа и да ги слушате граѓаните. Кога одите доминантно на истражување и анкети и најпресуден е фактот што тоа граѓаните мислат, тогаш ги определувате личностите. Во советничките листи имаме целосна застапеност на мажи и жени подеднакво, иако законот вели 40 проценти најмалку – појасни Заев.

Шилегов:  Скопје го заслужува најдоброто

„Упатувам огромна благодарност до мојата матична партија за довербата и поддршката. Скопје го заслужува најдоброто, продолжуваме заедно во нови победи“.

Вака на Фејсбук се заблагодари актуелниот скопски градоначалник Петре Шилегов, откако на седницата официјално беше потврдена неговата кандидатура за уште еден мандат на претстојните локални избори.

ВМРО-ДПМНЕ: Со исти истрошени кадри, СДСМ оди во изборен пораз

Стари кадри за штитење на криминалот. Со исти истрошени кадри, СДСМ оди во изборен пораз, е коментарот на најголемата опозициска партија  ВМРО-ДПМНЕ откако беа објавени имињата на 30 кандидати за градоначалници.

„Шилегов вети, а не направи тунел под Кале, не го продолжи булеварот „Илинден“ со мост преку Вардар кон Ѓорче Петров, набрка 84 наставници, купува клупи од 500 евра од тропско дрво и плаќа противпожарно возило 900.000 евра поскапо од тоа што го плаќа град Загреб за исто такво возило“, напиша партијата во реакцијата.

Заев го предложи Сашко Николов за кандидат за градоначалник за Штип, кој се потсмева со работниците, а неговите роднини, газдите на Баргала, даваат плата од 200 денари на напатениот народ. За Охрид, СДСМ ќе трча со Константин Георгиевски, кој две години не смее да урне една дивоградба поради што статусот на Охрид на листата на УНЕСКО виси. Заев избра кадри кои се негова копија – неработници, неспособни и кандидати заштитници на криминалот, сметаат од  ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот