Личната потрошувачка на Албанците во првиот квартал зголемена за 8,6 отсто

Маркет во Тирана, Албанија
Маркет во Тирана, Албанија / Фото: EPA-EFE/Malton Dibra

Централна банка на Албанија денеска објави дека личната потрошувачка на населението во првиот квартал од годината е зголемена 8,6 отсто, што е последица на зголемувањето на вработеноста и на платите, намалувањето на ограничувањата за движење, како и на поволните финансиски услови и кредитниот раст.

Според индиректните показатели, растот на личната потрошувачка во овој период е присутен во сите нејзини главни категории. Домаќинствата ги зголемија трошоците за артикли за широка потрошувачка, основни набавки и услуги.

Централната банка забележува дека расположливите показатели за вториот квартал од годината укажуваат на континуиран раст на приватната потрошувачка, но со пониско темпо.

„Квантитативните податоци за обемот на увезени стоки за потрошувачки цели во вториот квартал го поддржуваат овој тренд. Забавувањето на растот се заснова на податоците од Анкетата за доверба на потрошувачите, при што довербата на потрошувачите останува ниска, под историскиот просек, поттикната од неизвесноста на високите нивоа“, оценува албанската Централна банка.

Но, по сѐ изгледа дека личната потрошувачка во третото тримесечје ќе забележи значителен пад, поради високата инфлација, која во јули достигна ниво од 7,5 отсто од БДП, што е рекордно ниво во изминатите две децении и со најави за ново зголемување.

Во изминатите два месеца албанските граѓани најмногу се погодени од зголемените цени на храната.

Само во јули прехранбените производи бележат пораст од 13,2 отсто, лебот за 20 проценти, додека млечните производи, овошјето, рибата, месото и зеленчукот од 10 до 13 отсто.

Со ребалансот на буџетот, Владата го продолжи социјалниот пакет за пензионерите и семејствата со слаба економска состојба и до ноември тие ќе добијат по три илјади лека (25 евра). Според експертите, помошта треба да се прошири и да биде поголема.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот