Либанските демонстранти прогласија „Ден на бесот”, блокирајќи ги главните улици во Бејрут
Либанските демонстранти го прогласија денешниот ден за „Ден на бесот”, блокирајќи ги главните улици во главниот град Бејрут и низ целата земја во знак на протест против политичкиот ќор-сокак и влошената економска состојба, јави ДПА.
-Ги блокираме сите патишта за да го покажеме бесот на луѓето, рече еден демонстрант пред влезот на градот Бејрут, пренесе германската агенција.
Протестите се одржуваат во момент кога либанската фунта го продолжи драматичниот пад во однос на доларот, што доведе до спирално зголемување на цените на храната.
Либанската фунта за време на викендот на црниот девизен пазар се разменуваше во сооднос 10.500 фунти за долар, за првпат од 2019 година кога демонстрантите излегоа на улиците во знак на протест против корумпираната владеачка класа во земјата.
-Ова е аларм за сите либански лидери дека на пат е социјална експлозија во Либан, изјави друг демонстрант, пренесува ДПА.
Патиштата што го поврзуваат Бејрут со северен и јужен Либан, исто така, се блокирани од лутите демонстранти, изјавија очевидци.
Некои демонстранти ги повикуваа луѓето преку социјалните мрежи да ги напуштат своите домови и да излезат на улиците со цел да се здружат за да го спасат Либан од целосен економски и социјален колапс.
Либан од 10 август минатата година е без влада, откако премиерот Хасан Диаб поднесе оставка, неколку дена откако силната експлозија го погоди пристаништето Бејрут. Диаб оттогаш е само вршител на должноста, а либанскиот политички ветеран, мандаторот за состав на новата либанска Влада, Саад Харири, од октомври не може да формира нов кабинет поради политичките поделби меѓу спротивставените фракции.