Либан: Обвинетите за страотната експлозија во Бејрут излегуваат од притвор, кабает ќе испадне судијата што ги држел

Експлозија во Бејрут / Фото: EPA-EFE/@tayyaraoun1 EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Главниот либански обвинител Гасан Овејдат денеска нареди ослободување на сите осомничени приведени во истрагата за разорната експлозија што се случи во пристаништето во Бејрут во 2020 година и поднесе обвинение против истражниот судија во случајот.

Овејдат го обвини истражниот судија Тарек Битар дека ја обновил истрагата во понеделникот и покрај приговорите што ја запреле, Тој ќе одговара за злоупотреба и пречекорување на овластувањата, како и за вршење работи што се во спротивност со неговите прерогативи. На судијата исто така му е забрането да ја напушта земјата.

Одлуката беше донесена откако судијата Битар во понеделникот повторно ја отвори истрагата за експлозијата во пристаништето по 13-месечен застој поради приговорите на политичарите обвинети во истрагата, вклучително и главниот обвинител.

Битар денеска соопшти дека одлуката на главниот обвинител за ослободување на приведените е незаконска и дека се залага за завршување на истрагата.

„Обвинителот Овејдат не може да го тужи судијата кој претходно го обвини во истрагата поради конфликт на интереси”, се вели во соопштението.

Овејдат во декември 2020 година објави дека се повлекува од каква било вмешаност во истрагата за експлозијата, поради неговите врски со обвинетиот поранешен министер и пратеник Гази Цајтер.

Седумнаесет обвинети беа во притвор со месеци по експлозијата што се случи на 4 август 2020 година. Речиси 3.000 тони амониум нитрат – запалива хемикалија што се користи за производство на вештачко ѓубриво, експлодираа во складиште во пристаништето, при што загинаа 218 луѓе, повредени беа повеќе од 6.000, а големи делови од либанскиот главен град беа срамнети со земја.

Видео на денот