ЛГ престанува да произведува мобилни телефони поради загуби
Јужнокорејскиот производител на електроника ЛГ денес објави дека ќе престане да произведува мобилни телефони поради загуби и ќе се фокусира на делови за електрични автомобили, роботика, вештачка интелигенција и други производи.
Управниот одбор на ЛГ одобри промена на стратегијата и компанијата очекува целосно да се откаже од бизнисот со мобилни телефони до крајот на јули, се вели во соопштението.
ЛГ некогаш беше третиот најголем производител на мобилни телефони, но го загуби уделот на пазарот поради кинеските и другите конкуренти. Акциите на компанијата денес паднаа за 2,5 проценти.
Компанијата е сè уште трета во Северна Америка, со 13 процентен удел на пазарот по Епл, кој има 39 проценти и Самсунг со 30 проценти во третиот квартал од 2020 година, според истражувањето на пазарот на „Контрапоинт технологија“.
ЛГ претходно изјави дека разгледува стратегија бидејќи продажбата се зголеми за пет проценти во однос на претходната година во последниот квартал на 2020 година, но профитабилноста падна со продажбата на премиум производи
Компанијата соопшти дека ќе обезбеди поддршка за постојните корисници и ажурирања на софтверот „за одреден временски период што ќе се разликува по региони“.
Извор: Бета