ЛЕВИЦА: Надетничко соединување во СДСМ нема

Надетничко соединување во СДСМ нема, вели во изјава за Слободен печат, Реџеп Исмаил – Хактан, член на Президиумот на Левица и носител на листата на оваа партија во Избраната единица два на последниве парламентарни Избори. Тој, нагласува дека таков вид соединување е можно – и согласно тоа би било релевантно – само доколку тоа се случи на политичка платформа која не спроведува етнички агенди.

-Според досегашната политичката практика на владата предводена од СДСМ, тоа не е случај, баш напротив… Инаку во СДСМ единствено постои, и опстојува, клиенталистичко единство, и албанците во СДСМ служат само како декор за релативизирање на таквиот клиентализам, како и за прикривање на политикантскиот пазар кој партијата го прави само за да остане на власт – изјави  Исмаил за Слободен печат.

 

За разлика од СДСМ, тој потенцира дека Левица не ги селектира членовите по нивната етничка припадност, бидејќи, додава тој, тоа го прави самиот државен апарат и политички систем во целост.

-Ова е директна спротивсност на концептот на граѓанското општество, со кој толку многу наоколу мафтаат од владејачката партија СДСМ. И оттука се гледа нивната идеолошка шизофренија; од една страна промовираат граѓанско општество, а од друга, не само што не го менуваат политичкиот систем кој прави етнички поделби, туку и го унапредуваат, па дури и со одлуката за субвенционирање на приватни компании кои ќе вработуваат по етнички клуч, тие сакаат да го прелеат во приватниот сектор- оценува Реџеп Исмаил – Хактан, член на Президиумот на Левица.

 

Беџeти: Алијанса за Албанците е посветена на концептот држава за сите

Платформата на Алијансата за Албанците (АА) е држава за сите. Наша политичка определба е сите граѓани да бидат среќни и поперспективни во нашата земја, вели за Слободен Печат, портпаролот на АА, Флекрон Беџети, зборувајќи за отворањето и посветеноста на нивната партија кон другите етнички заедници.

– АА има политички и програмски цели за регулирање на политичкиот, правниот и економскиот статус на Албанците, но несомнено работи и придонесува за доброто на сите граѓани. Отворени сме за секој што може да даде придонес пред се за промена, политичка еднаквост, спроведување на владеењето на правото, економски развој и интеграција на земјата во западноевропските структури – рече Беџети.

 

Секако, додава тој, дека економската благосостојба на Албанците е еден од нашите главни политички столбови на нашата политичка платформа и програма.

– Оваа благосостојба зависи од политичкиот и правниот аспект на Албанците, што оневозможува економски  развој. Економскиот развој и благосостојба е во стагнација и е поизразен кај Албанците, бидејќи тие постојано биле дискриминирани и експлоатирани. За тоа сведочи миграцијата на Албанците, која е поголема од другите. Недостаток на стимулација на приватниот сектор и фискална децентрализација и во албанските општини, недостаток на развој на индустријата, земјоделството и сл. Сите овие активности спречија економска благосостојба – вели Беџети.

Реџепи: Покрај Албанци во движењето БЕСА членуват и припадници на други заедници

Покрај припадниците на албанската заедница, во движењето БЕСА членуват и припадници на други заедници. Ова го потврди пратеникот Кастриот Реџепи во изјава за Слободен печат.

-Во врска со отворањето на Движењето Беса за другите етнички заедници, со најголемо задоволство можам да потврдам дека за време на процесот на преструкирање се приклучиле во нашите редови и припадници од Турската, Босанската и Муслиманската македонска заедница. Дури и за време на предизборниот период бевме активни и присутни во мешани етнички средини. Остануваме отворени за сите што ја прифаќаат идејата и програмата на Движењето Беса – информира Реџепи.

Инаку, на парламентарните избори во 2020 година, Движењето БЕСА беше во коалиција со СДСМ на премиерот Зоран Заев. Оваа партија на овие избори успеа во заедничките листи со коалицијата “Можеме” да освои четири пратенички места.

 

Небиу: Изборните програми и ветувања се панаѓурски политички трик

Во последните 15 години политичките партии  на Албанците, посебно ДУИ и ДПА традиционално ги користат изборните програми како добар “трговец” кој се обидува да продаде продукти пред фајронт, со големи и надувани ветувања, невтемелени на анализи и без сериозна шанса за изводливост (како тој со Премиерот Албанец), вели политичкиот аналитичар Бесим Небиу, зборувајќи за социо-економската димензија на програмите и заложбите на партите на Албанците во Северна Македонија.

-Партиите го навикнаа народот дека изборните програми и ветувања се повеќе панаѓурски трик, отколку сериозна политичка агенда. На пример, на вебсајтот на ДУИ не може да се најде ниту една изборна програма, ниту како  изборно ветување ниту како реализација или отчет.  Истите изборни ветувања се рециклираат од 2010 наваму, како на пример ветувањето за отварање на границата во Лојане (од 2010), водоводот и театарот во Тетово, шарпланинскио  кон Призрен (2012), автопатот до Блаце како и поопштите ветувања за економски развој, и слично), па откако ќе бидат заборавени, повторно се ставаат на маса пред секој изборен круг-вели Небиу за Слободен печат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот