Левица бара одложување на пописот за 2022 и итно прекинување на пописот на дијаспората

Димитар Апасиев
Димитар Апасиев / Фото: МИА

Пратениците на Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов до претседателот на Собранието поднеле два амандмана на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година, којшто по скратена постапка беше поднесен од Владата, со цел пролонгирање на пописот за септември.

Првиот амандман се однесува на член 1, став (1), со кој се бара промена на зборовите „од 5 до 30 септември 2021 година“ со зборовите „1 до 21 април 2022 година“. Ова, имено беше и првичното барање на Левица откако ја започна својата кампања „Не отворам врата“.

– Амандманот го предлагаме со цел заштита на јавното здравје, предвидено како уставна должност на секој граѓанин, почитување на нормативната хиерархија и владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, а во насока на почитување на препораките на Обединетите нации – Департментот за статистика на ООН и Популациониот фонд на ОН, велат од Левица.

Другиот амандман се однесува на член 2 од Законот, којшто предлагаат да се замени со членот: „(1) Со денот на влегување во сила на овој закон престанува самопопишувањето на лицата – државјани на РМ, кои се на привремена работа, или престој во странство“; (2) Државниот завод за статистика е должен да ја отстрани од својот веб-сајт апликацијата за самопопишување на дијаспората“. Овој амандман го предлагаат со цел воедначување на применетата методологија со препораките на Обединетите нации и ЕУРОСТАТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот