„Левица“: Антикорупциска да го испита работењето на Сугарески и носењето на контроверзниот ДУП за „Шик Јелак“

Скандалите што секојдневно ја следат криминалната коалиција на власт се доказ дека државата и институциите се заробени и се користат единствено во насока на задоволувањето на лукративните интереси на раководствата од двете владејачки партии, СДС и ДУИ. Сѐ уште нема никаква иницирана постапка од ОЈО и на Антикорупциската комисија за скандалозното носење на ДУП-от за „Шик Јелак” од кое ќе профитира познатиот бизнисмен од „бомбите“, Миодраг Дака Давидовиќ, се вели во соопштението на „Левица“.

– Целиот процес на усвојување на спорниот ДУП е контроверзен, со оглед на тоа што се работи за фирма што е регистрирана во оф-шор земја Панама, што отвора индиции за нелегални финансиски активности и перење пари. Дополнително е скандалозно што поранешниот министер за транспорт и врски, Горан Сугарески, усвоениот ДУП го потпишал на шест дена по распишувањето на изборите со што се прекршени предизборните правила, посочуваат од опозициската партија.

Ригидноста и корумпираноста на самата Антикорупциска Комисија, се вели во дописот на „Левица“, е евидентна во нејзиното непостапување против поранешниот министер, додека приоритет на претседателката Ивановска е иницирање на законски решенија за бришење на трите пријави поднесени против директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу.

– Иако за бизнисменост Давидовиќ беа објавени и бомби каде се споменуваат износи од 300.000 евра во конотација со Зоран Заев, Драги Рашковски и финансирање на неуспешниот референдум, Обвинителството сѐ уште не отворило постапка за да ги испита наводите од јавно објавената снимка. Дополнително, деновиве премиерот Заев во интервју потврди дека тој бил иницијатор за носење на ДУП-от и влијаел врз советниците од општина Тетово, истакнуваат од „Левица“.

Узурпираноста и партизираноста на институциите од страна на криминалните владеачки елити, се наведува со соопштението на „Левица“, ја претвори државата во алатка за репресија само врз најсиромашните и најзагрозените граѓани кои експресно се санкционираат, додека за ниту еден корупциски скандал каде се инволвирани највисоки претставници на власта нема ефективна судска пресуда.

– Во услови на економска криза, кога секој втор ден по една фирма влегува во стечај и илјадници работници останаа на улица, милионските криминални бизниси на режимот на СДС само се надградуваат, додека институциите кои треба да го заштитат народот од самоволието на властите се директни учесници во истото. Тригодишното владеење на СДС само ја потврди добро позната премиса дека во Македонија мафијата си има своја држава, обвинуваат од „Левица“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот