Левица повикува да се прекинат преговорите со Бугарија

„Членувањето во меѓународните организации, кои практично треба да бидат гарант за еднаквоста помеѓу земјите-членки, покажа исклучителна неприменливост во пракса. Интеграционите процеси за членување во овие организации е преобразено во фази кои го разнебитуваат македонскиот идентитет“, вели Левица во соопштение до медиумите, во кое повикува да се прекинат преговорите со Бугарија.

„Процесот на разнебитување на македонската држава, народ и нација практично започна уште по прогласувањето на независноста. Историјата покажа дека првата отстапка направена со цел регистрација (зачленување) на државата во ООН претставува слабост, преточена во традиција при секоја идна интеграција. Тогаш, политичките елити прифатија промена на државно знаме и привремена референца како име на држава, со што беше создадена подлога за соседните земји непрекинато да бараат по парче од сложувалката на македонскиот идентитет. Разнебитувањето продолжи преку „Охридскиот рамковен договор”, перипетието се случи во Нивици со ставањето на потписот на „Преспанскиот договор” а кулминацијата зад затворени врати ја најавува Димитар Ковачевски ,преку прифаќањето на бугарските барање за тргање на ветото и деблокирање на интеграционите процеси со ЕУ“, се вели во соопштението од партијата.

Од Левица велат дека е неприфатливо Бугарите да бидат вклучени во Уставот на земјава, а таа воопшто да не разговара за положбата на македонското малцинство во Бугарија.

„Бугарскиот премиер пред пратениците во бугарското собрание го кажа она што делегитимираната власт на СДСМ и ДУИ го спроведува зад грбот на македонскиот народ. Односно, сподели дека Ковачевски продолжува по стапките на Заев и прифатил Бугарите да бидат внесени во македонскиот Устав, најавувајки преговори на заедничката историска комисија, која веќе има изготвени текстови и дека разговори за македонското малцинство во Бугарија се недопустливи. Овие барања се неприфатливи за Македонија! Квази-политичката елита, без ни малку знаење и умешност влегува во дипломатска игра без реципроцитет, дозволува екватантно мешање на внатрешните работи, што го загрозува уставниот поредок на државата. Власта на СДСМ и ДУИ непрекинато работи Македонија да стане дејтонизирана држава, а македонската нација, како конститутивен елемент на државата – да се сведе на етничка заедница!“, велат од Левица.

Партијата смета дека по ниту еден основ не е дозволиво надворешен фактор да одлучува за промени во нашиот Устац.

„Власта мора да застане во одбрана на државниот суверенитет и врз основа на ратификуваните меѓународни договори и веќе добиени пресуди, да се избори за правата на Македонците во Бугарија. Токму поради сето ова, Левица инсистира итно да се прекинат преговорите со Бугарија од страна на делегитимираната македонска Влада. Доколку откажувањето од македонското име, знаме, народ, историја, јазик и идентитет се условите за зачленување во Европската Унија, тогаш тоа не ни треба!“, се додава во соопштението од Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот