Левица повика на протест во петок против отворањето на клубот „Цар Борис III“ во Охрид: Не за бугарскиот Хитлер!

Левица организира протест во Охрид против бугарскиот клуб Цар Борис Трети/Фото: Фејсбук

Во петок пред трговскиот центар Амам во Охрид Левица повика на протест против отворањето на уште еден бугарски клуб со контроверзно име „Цар Борис Трети“.

-Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот „Цар Борис III“, Левица – Охрид ја повикува целокупната здраворазмуна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза! Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата!, повика Левица.

Партијата повикува на мобилизација и искажување на антифашистички порив:

-Не за славење на крвници на македонската нација и не за воздигнување на непријателите на човештвото! Не за бугарскиот Хитлер! Најстрого го осудуваме отворањето на овој клуб во Република Македонија и премолчувањето од страна на Владата која директно ја подржува рехабилитацијата на фашизмот. Сплотени против империјализмот и антимакедонизмот, да го искажеме народниот револт, пишува Левица во најавата за протестот објавена на Фејсбук.

Протестот во петок е најавен во 11.30 часот, половина час пред официјалното отворање на клубот на Бугарите. Во меѓувреме бугарскиот културен клуб Цар Борис Трети на Фејсбук се пофали дека добил поддршка од Бугарско – еврејскиот научен институт од Бугарија за кои Цар Борис Трети имал решавачка улога во спасувањето на 48.000 Евреи од Бугарија за време на Втората светска војна, што е неспорен историски факт за разлика од депортацијата на над 7.000  Евреи од Македонија кои се депортирани и погубени во Треблинка за време на бугарската окупација.

Неодамна бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ презентираше документи, како доказ дека цар Симеон е наследник и роднина на цар Борис и цар Фердинанд и тој дал согласност ова име да го користи културниот клуб.

-Овие документи се доставени до властите во Северна Македонија со цел да се има доказ дека цар Симеон не лаже дека е наследник и дека потписот со што добивме одобрение за отворање на бугарските клубови во Охрид и Богданци во Република Северна Македонија. Веќе немаме зборови да објасниме каде одат работите кога се во прашање македонските Бугари, нагласија од Клубот во Охрид.

Од друга страна во Министерството за правда допрва ќе се формира Советодавно тело кое ќе ја разгледува употребата на имиња на историски личности на здруженија, до донесувањето на новиот Закон за здруженија на граѓани и фондации.

За тоа дали Комисијата ќе ги разгледува ретроактивно случаите, министерот за правда Никола Тупанчевски, рече дека доколку сакаме да направиме некакви „ретроакции”, неговото мислење и како професор и како министер за правда, е дека тоа треба да се направиме преку други институции.

– Знаете дека кога станува збор за оваа хиперсензибилна сфера, тогаш постојат и други институции каде што на некој начин би требало да се санкционира евентуалниот говор на омраза, негативните чувства и сето тоа е содржано и во Кривичниот законик на Република Северна Македонија, изјави вчера Тупанчески.

Вчера Левица соопшти дека ќе поднесе иницијатива за забрана на новоотвореното Здружение „Цар Борис Трети” во Охрид.

Според Левица основањето на здруженија со назив „Ванчо Михајлов” и „Цар Борис III”, е „директно насочено кон насилно уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија, а особено кон разгорување на национална омраза“.

Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ на отворањето во петок во Охрид ги покани бугарските медиуми, додека на отворањето на бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола на 16. април годинава присуствуваше тогашниот бугарски премиер Кирил Петков, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова.

Специјален гостин на отворањето во петок, според најавата ќе биде бугарскиот бизнисмен, филантроп и филантроп д-р Милен Врабевски, основач на фондацијата „Бугарска памет“, со чија финансиска помош е основан вториот бугарски клуб во Македонија. Доктор Врабевски е познат по тоа што пред две години ги помагаше Македонците во Мала Преспа, Албанија за кои официјална Бугарија тврди дека се бугарско малцинство.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот