Левица ќе поднесе кривична против Гаши за законот за бранители
Деловникот предвидел заштитен механизам, во случај претседателот на комисијата да не закаже седница, тоа да го стори претседателот на Собранието. Гаши јавно кажа дека нема намера да ја закаже комисијата, го прекрши Деловникот по ставовите 123 и 126 и затоа ќе добие кривична пријава, рече пратеникот на Левица, Сашко Јанчев
По интерпелацијата, претседателот на Собранието Африм Гаши ќе добие кривична пријава од пратениците на Левица зашто го прекршил Деловникот и не ја свикал Комисијата за социјална политика за законот за бранителите, откако тоа одби да го стори претседателката на работното тело Илире Даути. Гаши од собранискиот пулт ја одмолча кривичната, а до попладнето не ѝ испратил одговор на пратеничката група на СДСМ, која на писмено побара отчет од собранискиот спикер зошто не закажува седница на Комисијата.
Пратеникот на Левица Сашко Јанчев во процедурално обраќање му се обрати на Гаши дека намерата му е законот за бранителите никогаш да не дојде на дневен ред и дека затоа не ја закажал Комисијата со што го прекршил Деловникот и дека затоа ќе му поднесат кривична пријава. Тој ја обвини и владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека не сака да се донесе законот за бранителите.
– Не може комисија да не разгледува закон, тогаш нема ни комисија. Деловникот предвидел и заштитен механизам, односно во случај претседателот на комисијата да не закаже седница, тоа да го стори претседателот на Собранието. Гаши јавно кажа дека нема намера да ја закаже комисијата, го прекрши Деловникот по ставовите 123 и 126 и затоа ќе добие кривична пријава – рече Јанчев.
Пратеникот и претседател на Левица Димитар Апасиев изјави дека во случајот со законот за бранители Гаши го крши новиот Деловник и дека има политички и правен момент.
– Правниот момент е тоа дека Гаши еклатантно го крши новиот Деловник и нашиот правен тим размислува да му пушти кривична пријава за несовесно вршење на службата, односно пречекорување на дискрециските овластувања. Можноста да не ја свика комисијата е само на претседателот на матичното тело, но не и на спикерот. Кај него има обврзувачка норма – дека тој е должен да свика, доколку овој во 24 часа не ја свика комисијата и тука нема што да се толкува. Значи, тоа е правната одговорност. Политичката одговорност, според нас, е кај ДПМНЕ, затоа што со ова се покажува зошто не треба партија со двајца пратеници да има спикер. Затоа што за секое вакво чкрипење, вие ќе треба да одите на „бакни рака“ кај спикерот и тука политичката одговорност е кај овие 58 пратеници – смета Апасиев.
Според собраниски извори, пратеничката група на СДСМ побарала писмен одговор од претседателот на Собранието, откако претходно на координација Гаши, исто како и во одговорот до медиумите, тврдел дека тој не може да ја свика Комисијата, зашто претседателката Даути веќе свикала комисија. Гаши го превидува фактот дека Даути не отвори расправа за законот за бранителите, иако собранискиот спикер преку допис ја задолжил претседателката на работното тело да закаже комисија за бранителите. Ова ги испровоцирало пратениците на СДСМ да побараат писмен одговор од Гаши. СДСМ очекува Гаши да постапи исто како и за законот за кредитот од Унгарија. Во зависност од одговорот на претседателот на парламентот СДСМ во писмото наведе дека доколку не го применува истиот принцип, очекуваат образложение и дека ќе ги преземе сите демократски механизми што им се на располагање.
СДСМ не се откажува од законот за бранителите, упати писмо до претседателот на Собранието
Неофицијално, СДСМ му укажале на Гаши дека прави невиден преседан. Ова ќе значи дека во иднина кој било претседател на комисија може селективно да става закони и со тоа тие да заглават во Собранието. Интенцијата на социјалдемократите е писмена потврда од претседателот на Собранието за направениот преседан.
Гаши тврди дека не го прекршил Деловникот, а за да се решат сите недоречености најави дека ќе бара да се разгледаат на собраниската Комисија за деловнички прашања, но ни таа не е свикана.
– Сакаме уште еднаш да појасниме дека седницата на Комисијата за социјална политика веќе е свикана од претседателката Илире Даути во согласност со роковите што ги предвидува Деловникот. Оттука, не постои деловничка основа претседателот на Собранието да интервенира или да свика дополнителна седница на оваа комисија – велат од кабинетот на Гаши.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека претседателката на собраниската Комисија треба да го стави на дневен ред законот за бранителите, но и дека со владиниот партнер Вреди не разговарале ни за законот, ниту за еднакви права како бранителите да имаат и поранешните припадници на ОНА.
Илире Даути од Европскиот фронт експресно му одговори на Мицкоски дека не прима наредби од никого.
– Премиерот треба да знае дека извршната власт нема право да се меша во законодавната власт, а камоли премиерот. Напротив, Собранието може да дава наредби на владините функционери. Повторувам, додека не се обезбеди генерално решение што ги третира бранителите и борците на ОНА еднакво, тој закон нема да биде на дневен ред. Вашите наредби чувајте ги за Вреди – вели Даути.