Левандовски без конкуренција, во обид да го надмине рекордот на Роналдо!

фото: EPA-EFE/LUKAS BARTH-TUTTAS

За да го постигне овој учинок, на полскиот напаѓач ќе му треба блескава партија во големото финале од ЛШ…

В недела (23 август) на стадионот „Да Луж“ во Лисабон (Португалија) со почеток од 21.00 часот екипата на Баерн Минхен ќе игра за титулата во Лигата на шампионите против ПСЖ.

Нема сомнение дека голгетерот на германскиот шампион, Левандовски ќе биде најдобар стрелец сезонава во ЛШ, моментно има 15 голови, пет повеќе од второпласираниот Ерлинг Халанд (Борусија Дортмунд/Салцбург), а шест од својот тимски колега Серж Гнабри. Зад нив многу далеку на оваа листа со „само“ пет погодоци е членот на „светците“, Килијан Мбапе, а Нејмар има три.

Полјакот има шанса да биде и најдобар асистент, но тука е понеизвесна трката, моментно го дели првото место со играчот на ПСЖ, Анхел Ди Марија, со по шест асистенции, пет има Мбапе, а по четири Корентин Толисо (Баерн Минхен), Алфонсо Дејвис (Баерн Минхен) и Нејмар.

Роберт Левандовски/EPA-EFE/PHILIPP GUELLAND

Баварската машинерија дефинитивно е фаворит на хартија во завршната битка за трофејот, но не смее да се потцени и ПСЖ кој ќе биде многу мотивиран на патот да ја освои својата прва европска титула.

Левандовски постигнува голови во серија, напаѓачот има барем по еден постигнат гол на последните девет натпревари во елитата. Се израмни со рекордот на Руд ван Нистелрој од 2003 година, а му недостасуваат уште два гола до учинокот на Кристијано Роналдо од 2008 година.

Напаѓачот на Баерн сега брка 17 голови во ЛШ, нешто што му успеа само на Роналдо, но Полјакот за тоа имаше два натпревари помалку поради форматот на натпреварување во Лисабон, односно од четвртфиналето немаше реванш средби.

Му останува уште финалето со ПСЖ, ќе се обиде да се израмни со Роналдо, а може да биде и подобар од Португалецот.

Од Баерн веќе жалат што нема да се органзира доделувањето на „Златната топка“, бидејќи навистина сезонава Левандовски е без конкуренција кога станува збор за головите. Од баварскиот гигант ја притискаат ФИФА да се додели наградата, а и екс членот на Манчестер јунајтед, Рио Фердинанд јавно изјави дека би требало да се покрене петиција и на полскиот напаѓач да му се додели престижното признание.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот