Летото помина, Град Скопје сега почнува со реконструкции на улици

Фото: Град Скопје

Со реконструкцијата на дел од булеварот М.Т. Гологанов, која ќе чини 43 милиони денари, ќе се опфатат коловозот и тротоарите, ќе се изведе велосипедска патека, но и нова водоводна мрежа и фекална канализација

Градот Скопје почнува со изградба и со реконструкција на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ од раскрсница со булеварот Свети Климент Охридски до кружниот тек со раскрсница улицата Мито Хаџивасилев Јасмин. Почетокот на градежните работи го промовираше градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, која објасни дека реконструкцијата опфаќа градежни работи на коловозот од 5.350 м2, велосипедска патека и тротоари од 4.500 м2, нови рабници, градежни работи на нова фекална канализација Ф600 мм, изведба на нова водоводна мрежа и ново улично осветлување со ЛЕД-светилки со контролери.

Со реконструкцијата, како што рече, се овозможува сообраќајница со нови пешачки патеки, велосипедски патеки и дополнителни велосипедски ленти на коловоз.

– Реконструкцијата на оваа улица ги решава секојдневни проблеми на граѓаните од овој дел на општината Центар, а ние посветено работиме во нивен интерес. Рокот на изведба е пет месеци, а Градот Скопје за реконструкција на булеварот „М.Т. Гологанов“ вложува 43 милиони денари. Со овој проект се решава еден голем проблем за жителите кои редовно патуваат во овој дел на центарот на градот и дополнително се зголемува безбедноста и сигурноста за учесниците во сообраќајот – изјави Арсовска.

На прашањето зошто дури сега се почнува со реконструкцијата иако договорот за изведба беше потпишан уште во септември минатата година, Арсовска вели дека требало да ги завршат сите потребни процедури.

„Не е помината цела година, имаше период на жалби и на други постапки и процедури, требаше да се обезбедат и сите дозволи од МВР поврзани со пренасочување на сообраќајот на овој дел за да може да почне реализацијата и тоа да биде безбедно за сите граѓани“, рече градоначалничката.

Деновиве Арсовска го најави и почетокот на градежните работи за реконструкција на улицата „Перо Наков“ во општината Гази Баба.

– По неколку децении негрижа, започнуваме со реконструкција на улицата „Перо Наков“, тука, во општина Гази Баба. Рокот за изведба на овој проект е четири месеци, а градот Скопје е целосен инвеститор со 47 милиони денари. Барањето за реконструкција на оваа улица, како децениски проблем беше истакнат од граѓаните на Скопје што живеат во овој дел на градот. Со овој проект се решаваат секојдневните тешкотии во сообраќајот на повеќе од 10.000 граѓани од месните заедници во Кирил Петрушевски, Триангла и во Маџари 1. Освен промена на асфалтот, се реконструираат и рабниците, ќе се постави ново зеленило, а ќе бидат реновирани и автобуските постојки – изјави градоначалничката.

Претходно, скопската градоначалничка направи увид и на градежните работи во мегапаркот „Даме Груев“ во општина Ѓорче Петров, каде што во моментов се изведува подготвително рамнење на површината, прекопување и целосно обележување во согласност со проектот за парковската површина. Според градските власти, во оваа фаза се врши трасирање на пешачките и на велосипедските патеки и просторот за останатите содржини, а се поставуваат и потребните подземни инсталации. Изведбата на градежните активности се одвива во однапред определените временски рокови.

Според проектот, работните активности и хортикултурното уредување на мега паркот предвидуваат четири фази на изведба. Паркот е предвидено да биде составен од три дела со вкупна површина од над 30.000 квадратни метри. Во паркот е предвидено да бидат засадени над 2.200 дрвја. Паркот се гради на локацијата на која беше исчистена огромна дива депонија од над 50.000 квадратни метри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот