Летните тераси повторно го узурпираа делот од кејот на Пена и градскиот плоштад

На почетокот на месецов, Општина Тетово објави јавни огласи за поставување на тераси на јавни простори, наменети за угостителските објекти.
Едниот оглас се однесува за сезонски, односно летни тераси, а другиот оглас за закуп на јавен простор каде ќе можат да бидат поставени тераси во текот на цела година.
Од Општина Тетово информираа дека процедурите за давање на дозволи за поставување на тераси за неколку кафулиња и ресторани се при крај.
Но, сликата на терен е сосема друга. И покрај тоа што процедурите не се завршени, дел од угостителските објекти долж реката Пена и на градскиот плоштад веќе имаат поставено маси, столови и други реквизити.

Граѓаните велат дека се работи за узурпација на јавните простори, кои и така во градот ги нема доволно.
„Па како и секоја година се узурпира јавниот простор, ова се на диво поставени тераси, но и општината не треба воопшто да дава дозволи за вакви летни тераси оти нема доволно простор низ градот, тој простор треба да биде за граѓаните, а не за некој да се богати. Да имавме простор во ред, нека се издава истиот или пак нека се издава јавен простор, но не мора цел плоштад да биде со маси и столови и на плоштадот да има колички на батерии за деца, тоа не е во ред“, вели еден тетовец.
Во декември минатата година од тетовскиот инспекторат се пофалија дека интервенирале да се остранат повеќе летни тераси во центарот на градот, на кои им поминал рокот за закуп, а тие во минатото, воопшто не биле остранувани. Рестораните и кафулињата ќе имаат право на летни тераси ако ги исполнат условите, но и ако редовно плаќаат и не узурпираат места, кои се надвор од дадената дозвола за тераса, истакнаа од инспекторатот пред околу 4 месеци.
Но, сега јавните површини пак се узурпирани, а никој не регира. Летните тераси се острануваа само кога не се користат во зимскиот перид, кога ќе затопли, тогаш ретки се акции за остранување на истите.