Летните тераси повеќе нема да го окупираат јавниот простор

Советот на Општина Центар на последната седница усвои значајни документи со кои треба да се воспостави ред во поставувањето урбана опрема на територијата на оваа општина.

Усвоена е Програмата за поставување урбана опрема за дел од подрачјето на Општина Центар за период од 2020 до 2025 година и Одлуката за утврдување потреба за поставување урбана опрема и условите, начинот и постапката за издавање одобрение за поставување урбана опрема на јавни површини. Со овие две одлуки се враќаат законските надлежности на општината да дава одобрение за поставување урбана опрема, но ѝ овозможуваат и да биде активен чинител за заштита на јавните простори на својата територија врз основа на закон.

Како што објаснуваат од локалната власт, задача и цел на донесените документи е да се унапреди јавниот простор, да се подобри неговото користење, да се овозможи насочување и заштита на сите учесници во сообраќајот и да се обезбеди заштита на јавниот интерес.

-Веќе подолг период Општина Центар е одлучна да воспостави ред со поставувањето времени објекти и урбана опрема на својата територија. Целта зад оваа тенденција е нерешеното прашање како се користат јавните површини, кој сѐ ги користи и под кои услови. Документацијата се донесува и со цел усогласување со Град Скопје за надлежностите за поставување урбана опрема на јавни површини – велат од Центар.

Со овие одлуки законска надлежност на Општината ќе биде издавање одобренија за поставување на сите видови урбана опрема на јавни површини на дел од територијата на Центар.

-Со програмата за поставување урбана опрема се уредува видот и големината на урбаната опрема која се поставува на јавни површини, како и можните локации и зони каде да се поставува. Програмата опфаќа дел од територијата на Општина Центар, опфатите дефинирани со деталните урбанистички планови Дебар Маало 1, Дебар Маало 2, Централно зеленило покрај реката Вардар и Мал ринг – рече Саша Богдановиќ.

Предмет на обработка е само дел од територијата на општината, како што информираат од Центар, за да се посвети поголемо внимание и подетално да се обработи материјата. Во изработката на програма се користи детална инвентаризација на состојбата на терен (зеленило, постојна комунална урбана опрема и инфраструктура), планираните решенија од актуелните детални планови и важечкиот Правилник за нормативите и стандардите при поставување урбана опрема донесен од Град Скопје.

-Сликата на терен покажува дека досегашните решенија биле избрзани, паушални и несоодветни. При поставување урбана опрема, досега се окупираше јавен простор. И покрај тоа што постојат широки тротоари и дрвореди, неконтролираното и несоодветно поставување урбана опрема од секаков вид го наруши изгледот на просторот и ја уназади употребата на јавниот простор од граѓаните. Јавните површини наместо да бидат шеталиште за граѓаните, се непроодни зони за пешаците и велосипедистите. Затоа, ја носиме оваа одлука со која ќе се унапреди јавниот простор и ќе се подобри неговото користење – стои во образложението на Богдановиќ доставено до Советот на Општина Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот