Летаат во авион Тито, Хитлер и Захариева…

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Таман кога помисливме дека, барем за годинава, Софија малку ќе нè одмори од својот антиталент за толкување на политиката за добрососедство, гледаме дека вревата од дуетот Каракачанов-Захариева во Бугарија по повод нивното фијаско со агендата за ЕУ проширувањето на Балканот, не престанува. Иако сме ние и Албанија директните жртви од анти-европската политика на Бојко Борисов, тие имаат возбудена потреба да се дообјаснуваат, нервозно да се правдаат и понатаму да ги ескалираат навредите упатени до нас. Зошто?

Причините за тоа се релативно едноставни, а двојни: од една страна, очигледно е дека тоа е една од главните националистички теми на Борисов со која настапува за сопствен спас на парламентарните избори во март следната година – Бугарите заклаа еден цел вол, за да добијат пет-шест кила предизборни чварки; од друга страна, ветото им помина со очаен ефект кај нивните европски партнери во Унијата, на крајот доживеаја голема бламажа заради очитаната лекција од страна на Чешка и Словачка, па на домашната бугарска сцена имаат потреба вината да ја префрлат на соседот, покажувајќи „мускули“ и закани типични за инфериорна политика и несигурност за последиците од ветото што нас ќе нè чини многу скапо, ама нив меѓународно ги банкротираше.

Во последните три децении се изнагледавме на Балканот слаби политичари кои својот домашен опстанок го градат преку омаловажување и непријателство кон соседите. Регионот, во меѓувреме, доволно се пацифизираше за да ги надмине безбедносните кризи од таквите ретроградни политики, но потенцијалот на „замрзнатите конфликти“ не смее да се потцени, ако ништо друго заради нарушување на другите, „небезбедносни“ витални политики на Балканот: економската соработка, туризмот, образовната и културна соработка, транспортот и непречениот проток на добра и услуги и сл. Тоа се фактори кои регионот го одржуваат во сферата на нестабилноста и „отвореноста“ кон други, анти-западни иницијативи и мешетарења. Бугарија сега цврсто зачекори на челото на таа неславна колона.

Од ваквото однесување на официјална Софија има и еден друг ефект што директно ја засега македонската политичка сцена: овдешните националисти и шовинисти доживуваат вистинска ренесанса, со реафирмирање на причината за своето постоење. Борисов им ја врати смислата на нивната политичка програма и тоа во најубедливото светло на бугарските архи-непријатели од почетокот на минатиот век. Просто, штета што сме членки на НАТО, оти да не бевме, ќе имаше и многу поборбени повици за пресметка од двете страни на границата. Тие ретко прават нешто работите да се подобрат, но не би ја пропуштиле шансата за обратното.

А како ќе се одвиваат работите понатаму, откога ќе завршат изборите во Бугарија?

Кој и да биде следниот бугарски министер за надворешни работи, „историската карта“, во која се кријат намерите за оспорување на идентитетот на соседот за блокирање на преговорите со Северна Македонија, повеќе не ќе може да се употребува. Софија има можност и понатаму, со какво било објаснување, да го ветира отворањето на преговорите, но после март идната година притисокот врз Бугарија – во европско содејство со Вашингтон – ќе расте за менување на таа погрешна политика.

Тоа значи дека, после низа ух-ах-их воздишки и мрморења, ќе се помине на драфтирање на некаков дипломатски документ што ќе го содржи она што и сега Скопје ѝ го нудеше на Софија (дообјаснување на Договорот за добрососедство, дополнителни гаранции за иди-ми-дојди-ми и сл.), а што Борисов, заради своите сегашни предизборни валкани потреби, го одби. Исходот од тоа дополнително „мрцварење“, после уште една наша година од евро-интегративниот процес фрлена на европското буниште, ќе се прогласи за нов голем успех на балканското добрососедство и соработка. Којзнае, можеби и пред каминот во Белата куќа. За „оверка“ на победата на сите!

Националистите и од двете страни, на крајот, ќе останат да си го цицаат прстот в уста, но користа од нивната штета е веќе направена. И македонската и бугарската јавност отворија нова страница во меѓусебната недоверба. Споредбата помеѓу Тито и Хитлер е, дефинитивно, новиот хајлајт за идните генерации во соседските ругања и навредливи потсмевања.

Ете, така, кај и да е, наскоро ќе почнат да летаат во авион Тито, Хитлер и Захариева… Кога авионот ќе падне и кога сите ќе се појават пред Св. Петар, Захариева ќе мора да му објасни што бара во вицот што ја изнасмеа цела Европска Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот