Лет од место

Градот се подготвува за првото олабавување на ковид-мерките. Се чувствува низ воздухот. Имавме два дена сонце (кој не беше во Лондон, ја пропушти раната пролет) и ете, веднаш малку оптимизам, зашто ќе има блага релаксација. Од идната недела ќе се отворат, како што ги нарекоа „ненеопходните“ продавници и објекти (а што знаат тие што е кому неопходно, ама ајде), односно продавниците, фризерите (Лулу, тоа сум јас, не ме препозна, еве ме, шишааај!), цвеќарниците… и угостителските објекти, ама само надвор. Кој има бавча, двор, тераса, може да го продолжи бизнисот и да служи храна и пијалаци, другите ништо, ќе чекаат подобри времиња.

Што ако заврне, праша еден очаен угостител, оној кому му останаа елките неискористени, па се сушеа до март, зашто владата го воведе овој трет локдаун лани пред Нова година? Ќе може ли гостите да се приберат внатре, да не изнакиснат, зашто времето тука е „во зима студено и врне, во лето сончево и врне“? Нема да може. Само надвор. Ќе видиме понатаму, некаде јули август евентуално ако се‘ биде во ред и ако бројките одат според планот. Односно, бројот на вакцинирани нагоре, на заразени и починати од ковид-19 надолу.

Веслање обратно

Дали поради локдаунот, дали поради седењето дома и размислувањето за смислата на животот, затворањето на фирмите поради ковидот или се поскапиот живот во главниот град, само минатата година Лондон го напуштија повеќе од 700.000 луѓе, осум проценти од работната сила. Неодамнешните истражувања покажаа дека странските работници ја напуштаат Британија со забрзано темпо, а според теоретското сценарио, ако миграцијата пресушува наместо да се зголемува, земјата ќе се соочи со големи финансиски штети. Владата, истата онаа која ги доби и изборите и брегзитот јавајќи на бранот на (благ) национализам и голем популизам и на игри со бројките околу имиграцијата која „ќе ја поплавела земјата и ќе им ги земела работните места, леглата во болниците и ученичките клупи во училиштата“, ќе треба да ја преиспита оваа „филозофија“.

По една деценија борба да се намали миграцијата, сега треба да се весла обратно. За да има кој да работи во земјата во која има хроничен недостиг на медицински сестри и други квалификувани и висококвалификувани кадри, а рака на срце, и мајстори (водоинсталатери, електричари, ѕидари, бравари и слични) фалат. Повеќе од 20 отсто Британци се предвидува дека до 2031 година ќе бидат пензионери, велат од канцеларијата за национална статистика. А постбрегзит правилата моментно се такви што да се дојде тука и да се работи, студира или дури и туристички, е поприлично тешко. За некои, речиси невозможно.

Тешко е да се каже колкумина останавме. Тоа е поради фактот што пандемијата ја ограничи владата во собирањето податоци. Според некои податоци од работничките истражувања, населението од  странци по раѓање  се „собрало“ за речиси 900.000 души, а некои велат дека вистинската слика, кога ќе стигнат резултатите од неодамнешниот попис, ќе биде и полоша.

Дома е подобро

Како си заминаа луѓето е друга мистерија. Изгледа малку по малку, користејќи ја секоја пауза меѓу трите локдауни. Европските државјани, едно време привлечени од изгледите за подобра плата и работа, открија дека за време на пандемијата, дома било подобро. Прво отидоа на одмор, како на пример во Полска, па се запрашаа, вели професорот Кристијан Дастмен од Јуниверсити Колеџ од Лондон,  зошто да си одам? Во Полска е како во Обединетото Кралство. Тука е дома, дома е подобро и – останаа.

А ние останатите…па добро, чекаме по првото олабавување, да видиме, со тазе фризури, задоволени потреби од шопинг и издувани и накиснати од седење надвор, кога ќе дојде редот да не пуштат да излеземе од земјата. Притоа, без да мора да лажеме дека имаме бизнис или недајбоже семејна неодложна потреба, зашто ако те фатат за излегување без врска, онака, зашто ви се патува, следува  казна од 5.000 фунти. Фрустрациите од неможноста за патување ги делат многумина, што не ја прави работата полесна. Па секој се снаоѓа како знае и умее.

Видов реклама на авиокомпанијата „Бритиш ервејз“, која нуди ручек за патници од прва и бизнис класа. Што веднаш ме потсети на убавите времиња кога почнуваше „Палер“, па почнаа да служат храна, па пити од дома носеа и ѓевречиња завиткани во некој станиол, чиста импровизација… Сега „Бритиш ервејз“ нуди  кутија со сите состојки од ручекот. Па така, седите, по можност до прозорец, ако сте плашливи може и на крајот од каучот, ќе се потрудите да имате простор за да ги испружите нозете, филм по ваша желба и… би требало да уживате во деликатесниот оброк. Е сега, ручекот треба сами да го стоплите, нема згодна стјуардеса или стјуард да ве послужи и – нема алкохол. Освен ако сами не си го обезбедите. Плус, никаде не тргнувате и никаде не стигнувате. И згора на се, сето ова се продава за 100 фунти! Мислам навистина, точно е дека сме очајни, ама не сме стигнале до тој степен… уште фали некој да  брмчи и да ни го ниша од време на време каучот.

Колку би го менувала сето ова за пита во станиол на „Палер“…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот