Лембовска за МИА: Реформираната УБК ќе стартува наесен, стравувам дека ќе останат кадри на кои не им е местото таму

Агенцијата за национална безбедност, што треба да ја замени Управата за безбедност и контраразузнавање, според првичните планови требаше да почне со работа денеска, но поради дополнителните измени во законското решение, обидите за подобрување на текстот со кој се регулира една мошне чувствителна материја, за која земјава беше најостро критикувана по скандалот со прислушувањето во 2015 година, нејзиното отворање се одложи за наесен.

Законот беше донесен кон крајот на минатиот месец со 91 глас „за” и без воздржани и „против”. Го поддржаа и власта и опозицијата, а сега новата Агенција ќе стартува со работа од 1 септември. Летово надлежните ќе треба да ги засукаат ракавите и да вложат напори да ги овозможат сите услови за работа на новата Агенција, со која се спроведува една од клучните реформи во безбедносно-разузнавачкиот сектор.

Во разговор за МИА, Магдалена Лембовска од Евротинк, која како претставник на невладиниот сектор учествуваше во работната група што го изготвуваше законското решение вели дека со оглед на временската рамка во која конечно беше усвоен законот 1 јуни не беше реалистичен датум за новата Агенција да почне да функционира.

На крајот е донесена одлука новиот датум да биде 1 септември, односно за време на летото ќе треба да се обезбедат простории за АНБ, да се изврши селекцијата на кадарот и сите пропратни активности што ќе треба да овозможат оваа институција да биде функционална.

– Ако направиме паралела дека за формирањето на ОТА се подготвувавме речиси една година, јас се плашам дека и овој период можеби нема да биде доволен за реформата да се направи така како што треба, вели таа.

Надзорот на следењето комуникации зајакнат на хартија, дали ќе вроди со плод во пракса

Власта прифати околу 60 амандмани поднесени од ВМРО-ДПМНЕ. Дел од пратениците од СДСМ сметаат дека законското решение е добро и квалитетно, додека пратеничката Фросина Ташевска Ременски потенцира дека имало можност за подобра безбедносна реформа. Таа предложи 30-на амандмани од кои поголем дел беа отфрлени од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Во процесот на креирање на новата Агенција учествуваше и граѓанскиот сектор – тие беа дел од работната група, која го креираше ова законоско решение, но и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница.

Емил Димитриев, претседател на една од надзорните собраниски комисии неодамна истака дека ВМРО-ДПМНЕ издејствувале меѓу другото да нема тајни фондови на тајните служби. А заслуга на ВМРО-ДПМНЕ, според него, е и предлогот за полиграфско тестирање на вработените во Агенцијата, како и увид во Комисијата за селекција на кадри, каде ќе членуваат двајца пратеници. Тие нема да имаат право на глас, само ќе набљудуваат.

Според Лембовска последната верзија на законот која беше усвоена е значително подобра од првичната верзија која беше објавена на ЕНЕР.

– Добро е тоа што политичките партии успеаја да дојдат до консензус, иако не секогаш политичкиот консензус соодвествува со јавниот интерес. Јас сум сепак скептична околу парламентарниот надзор, односно, иако има подобро прецизирање околу пристапот до информации за работата на АНБ од страна на надлежната собраниска комисија, не гледам суштинска промена во споредба со досегашното законодавство, нагласува таа.

Неколку нивоа на контрола ќе има работењето на новата Агенција – Собранието, Народниот правобранител, Јавниот обвинител, Советот за граѓанска контрола, Државниот завод за ревизија, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Секој граѓанин ќе има право да ги побара собраните информации и тековните истраги, кои се водат против него, а властите ќе мора да ги обезбедат, без при тоа да се открие изворот. Исто така базата на податоци треба да биде избришана во моментот кога повеќе не е потребно за тековни истраги или за судски случаи. Останувањето на таква база податоци, велат од МВР, креира повторно можност за злоупотреба и за притисок.

Предвиена е и посебна организациска единица за внатрешна контрола, чиј раководител ќе биде назначен од директорот, но по претходна консултација со Собранието, односно со собраниската комисија која е надлежна за надзор на работата Агенцијата, со цел да се обезбеди тоа да биде квалификувана личност со кредибилитет.

Лембовска појаснува дека и досега имавме правна основа за надзор, но за жал тоа не се спроведуваше во практиката.

-Со пакетот закони за промена на системот за следење комуникациите и воспоставувањето на ОТА се воведоа одредени заштитни механизми што треба да спречат така масовно прислушување какво што имавме во минатото. Ние имаме две парламентарни надзорни комисии, едната е специјализирана за надзор над следењето на комуникациите и нејзината улога беше засилена лани, а другата е задолжена за целосен надзор над работата на службите за разузнавање, бидејќи злоупотреби можат да се случат на разни начини. Сепак, функционалноста на овие механизми не е прашање само на добри закони, туку зависи и од политичката волја да се врши надзор, капацитетот и други фактори, додаде таа.

Укинати тајните фондови – сепак се дел од тајните операции

Во врска со укинување на тајните фондови за тајните служби, како што најави Димитриев, таа појаснува дека секоја тајна служба според природата на својата работа мора да има и таен буџет кој се користи за специјални намени, како што се на пример таен откуп на планови, скици и сл.

– Опозицијата всушност издејствувала да овозможи парламентарен надзор над таквиот буџет. Јас не мислам дека ова е добро решение, бидејќи толку специфичен финансиски надзор можат да извршат само специјализирани тела за финансиска контрола, а не пратеници. Пратениците треба да вршат генерален финансиски надзор, како и да проверат дали е обезбедено неопходното секундарно законодавство за финансиско управување и контрола. Сепак, финансиски злоупотреби можат да детектираат само професионалци како што се на пример ревизорите, појаснува Лембовска.

Тука, додава таа ќе биде посебно важна улогата на внатрешната финансиска контрола и ќе биде неопходно многу да се инвестира во овој сегмент.

– Досега, во МВР имаше само двајца внатрешни ревизори кои требаше да вршат ревизија во цело Министерство, вклучувајќи ја и УБК, а тоа е далеку од доволно, нагласува Лембовска.

Новата Агенција надвор од МВР, освен седиштето се бара решение и за локалната поддршка на АНБ

АНБ ќе функцконира како владина агенција, предводена од директор, именуван од Владата, на предлог на премиерот, а нејзините вработени нема да имаат полициски овластувања.

Со реформата УБК се вади надвор од МВР, со што се става крај на тајната полиција во земјава, се врши деконцетрација на моќта во оваа сфера. Целта е создавање на ефикасна, деполитизирана, департизирана Агенција во функција на заштита на државата, нејзините национални интереси и нејзините граѓани.  Со реформите се прават обиди да се  регулира работењето на внатрешното разузнавање, но исто така и да не се пререгулира.

Се бараат соодветни простории за нејзиното седиште, но процесот не е толку едноставен поради тоа што УБК не дејстуваше само централно, туку ги користеше и локалните капацитети на МВР. Новата Агенција освен централата во Скопје ќе мора да најде и соодветни објекти, кои ќе ги користи за локално ниво, а кои ќе бидат одвоени од МВР.

Лембовска истакнува дека Агенцијата треба да биде самостојна институција која ќе располага со свои просторни капацитети.

Засега, вели таа, нема информации за тоа каде ќе биде сместено главното седиште, но треба да се има на ум дека УБК и досега не функционираше само на централно ниво, туку функционира и врз територијален принцип и притоа ги користеше капацитетите на МВР на локално ниво како составен дел на оваа институција.

– Ова значи дека целокупниот процес не е воопшто едноставен, туку се работи за посериозен зафат. Тука не станува збор и само за физичко одвојување, туку и во однос на дел од работата која досега ја работеше УБК, а сега ќе треба да ја преземе полицијата, додаде Лембовска.

Вработените од УБК кои нема да ја поминат безбедносната проверка, на друго работно место во јавната администрација

Лембовска нагласува дека граѓанскиот сектор првпат беше вклучен во работна група за една вака специфична и сензитивна област и тоа секако е чекор понапред кон инклузивни и партиципативни процеси на креирање на политики.

Сепак, смета дека методологијата на работа за жал не беше најсоодветна за да имаат максимален придонес, па така и влијанието врз решенијата беше ограничено и се уште имаме резерви за одредени прашања.

Едно од нив е селекцијата на кадарот, кој ќе работи во новата Агенција. Предвидено е вработените во УБК кои ќе ја поминат безбедносната проверка, без проблем да се префрлат во новата Агенција.

Како што информираа на брифинг во МВР пред донесувањето на законот во новата Агенција ќе има трансфер на вработени од УБК, но сепак тие треба да ги поминат филтрите за да се утврди нивната компетентност за вршење на работните задачи.

Ќе се формира Комисија за селекација, која ќе создаде профил на работни места, профил на вработен, а потоа се оди на селекција, која не може да биде финална додека не се поминат сите филтри пред се на НАТО, кој си има одредени барања, што мора да се исполнат за едно лице да биде вработено во ваква структура.

-Од една страна, станува збор за специфичен кадар и во УБК има дел професионалци чија експертиза се градела со години. Истовремено, таму има и кадри на кои не им е местото во една таква служба, а јас се плашам дека ја пропуштаме можноста да се ослободиме од тие кадри во името на брзи и мирни реформи. Што се однесува до идните вработувања, се надевам дека конечно ќе видиме јавни огласи, нагласува Лембовска.

Првичната најава и идеја, која ја говореше и министерот Спасовски беше дека лицата кои нема да ја поминат безбедносната проверка ќе добијат отказ, последното усвоено решение, усогласено меѓу власта и опозицијата, предвидува дека истите сепак ќе бидат распоредени на други места во јавната администрација.

– Ова значи дека лицата нема да имаат пристап до класифицирани податоци, но сепак ќе им се најде некое решение за да не останат без работа. Според мене ова е доста проблематично, бидејќи јавната администрација не смее да продолжи да биде место за вдомување на кадри на кои не можеме да им го најдеме местото, а посебно не на оние кои биле во позиција да нанесат големи штети по интересите на државата. Се плашам дека токму ова амортизирање на незадоволството кај партиските кадри кои инаку би ја изгубиле работата е дел од цената на политичкиот консензус меѓу партиите, додаде таа.

Првиот човек на АНБ го бира Владата

Согласно законското решение директорот ќе го бира Владата на предлог на премиерот, со што се отвора прашање дали со ова решение се овозможува некакво политичко влијание врз работата на првиот човек на Агенцијата.

Директорот на Агенцијата го именува и разрешува Владата, на предлог на премиерот со мандат од пет години со право на резибор. Најмалку 15 години работно искуство на раководни позиции во областа на националната безбедност, разузнавање и контраразузнавање, да е државјанин на Република Северна Македонија, да нема државјанство на друга држава, да има стекнато најмалку 300 кредити според ЕКТС, односно VII/1 степен на образование, да поседува меѓународно признат сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години (во законското решние се наведени сертификатите кои доаѓаат предвид), со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и да не е член на политичка партија ниту член на орган на политичка партија. Ова се критериумите кои треба да ги исполни личноста, која ќе биде директорот на Агенцијата.

Лембовска вели дека не постои еден најдобар модел за избор на директор на ваква агенција.

Нагласува дека искуствата на земјите се најразлични, но на крајот сепак ќе биде најважно лицето кое ќе биде избрано да е личност со личен и професионален интегритет – да работи според прецизно и добро разработено законодавство и да се соочи со функционален надзор и контрола.

Дали новото решение е гаранција за заштита на приватноста на граѓаните

Агенцијата има можност да прислушува и надвор од ОТА во строго ограничена процедура за заштита од терористички напади. Во однос на следењето каде не се вклучени операторите и ОТА од МВР појаснуваат дека употребата на тактичката опрема во следењето, може да се прави врз основа на наредба на јавен обвинител кога се работи за кривични дела, а кога станува збор за заштита на уставниот поредок. Дел од таа опрема може да се користи и по наредба на директорот, кој е должен претходно за тоа да го извести јавниот обвинител, кој пак, доколку одлучи дека тоа не е оправдано може да ја прекине операцијата. Од МВР велат тоа нема да се злоупотреби, безбедносна на државата не трпи секогаш бирократија, а тактичката опрема е строго фокусирана, за разлика од опремата што ја користи ОТА.

Лембовска нагласува дека употребата на ваква опрема е голем ризик за приватноста, а истовремено и неопходно средство за работа на службите.

– Не е тајна дека работата на безбедносно-разузнавачките служби е доста интрузивна и затоа беше потребно строго да се дефинираат постапките и процедурите при примената на ваквите овластувања. Освен тоа, истото се одвива во голема тајност, па ограничена е можноста за откривање на злоупотреби од страна на медиумите или граѓанските организации. Јас постојано повторувам колку е важно да имаме функционална контрола, а во овој дел важно е да се овозможи заштита за укажувачите кои би можеле да обелоденат непочитување на процедурите и правилата, појаснува Лемовска.

Брисел задоволен од реформите, но сепак допрва претстои оценка на функционалоста на системот

Реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем е една од трите клучни реформи на патот кон ЕУ, за неа бевме оценети и во најновиот извештај од Брисел. Лембовска вели дека извештајот за напредокот на ЕК е генерално доста позитивен, но и доста реален во овој сегмент.

Поточно, Брисел проценил дека донесена е закононска рамка, но допрва ќе бидеме предмет на оценка на реформата кога тоа законодавство ќе треба да се имплементира.

– Сепак, не треба да заборавиме дека реформата ја правиме заради самите нас и дека граѓаните се тие кои во крајна линија ќе треба да ги почувствуваат позитивните ефекти, нагласува Лембовска во разговор за МИА.

Реформирањето на безбедносно-разузнавачкиот сектор беше една од суштинските реформи кои земјата требаше да ја спроведе по скандалот со  незаконското прислушување на над 20 илјади лица во земјава, што со години го спроведувала поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ.  Функционери, политичари и од власта и од опозицијата, новинари од сите медиуми, синодот на МПЦ, членови на ИВЗ, бизнисмени со години биле прислушувани. И ова и не ќе беше новина во поновата македонска историја, доколку не беше толку омасовена и долготрајна појава, со оглед на фактот што и претходно имавме искуство со вакви афери, како Големото уво во 2001 и Дувло во 1992 година.

Децидно, преку формулацијата „заробена држава” во својот извештај за состојбите во земјата многу сликовито оваа состојба ја опиша Рајнхард Прибе, кој освен констатациите даде и многу јасни препораки за тоа што треба под итно да се направи за земјата да може да се врати на патот на демократијата и развојот.

Во најновиот извештај на ЕК се признати достигнувањата во оваа сфера – донесени закони, формирани институции, но допрва ќе се мониторира и оценува нивното функцонирање и колку земјава успеала да ги напушти старите навики и пред се во име на заштита на државните интереси да не ги нарушува интересите на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот