Лекции од војната во Нагорно-Карабах кои македонската армија мора да ги научи

Кога во 1990 година САД го нападнаа Ирак како одговор на окупацијата на Кувајт светот беше вчудоневиден од првата телевизиска војна пренесувана во живо во реално време. Уште поголемо изненадување преставуваше целосниот крах на ирачката армија што не беше очекувано ниту од планерите на американската операција “Пустинска бура”.

За обичните набљудувачи но и за воените планери ширум светот сепак најголема тактичка новина во конфликтот беше масовната употреба на прецизно наведувани проектили, чија употреба исто така беше пренесувана на Си-Ен-Ен.

Првата ирачка војна тогаш го запали алармот кај најголем дел од светските армии, бидејќи генералите и аналитичарите заклучија дека прецизно наведуваните проектили преставуваат огормна предност во офанзивното војување.

Предноста во однос на конвенционалните вооружени сили е толкава што може да се спореди и со воведувањето на првите мускети наспроти стрелите. Стратегијата на САД при развојот на овие оружја се базирала на едноставен принцип кој важел са сите војни во изминатите илјадници години, доколку имате со што да го погодите противникот, а тој не може да ве погоди вас со ништо, сигурно ќе победите во војната.

Од првата заливска војна почна и трката за воведување на оружјата за прецизно војување кај сите светски армии, а Русија својата технологија ја презентира во војната во Сирија, кога беше промовирана и крстосувачката ракета со прецизно наведување “Калибр”, пандан на американскиот “Томахавк”.

После падот на кулите близначки и американските (не)оправдани интервенции во Авганистан и Ирак, САД тактиката за употреба на прецизно наведувани оружја ја кренаа чекор понатаму со масовната употреба на беспилотните летала, дронови. Речиси целата понатамошна кампања против Ал – Каеда американските вооружени сили ја спроведуваа со вооружените дронови, при што САД разви серија на беспилотни летала со разни карактеристики, а сите продолжија да функционираат според истата максима, “погоди без да бидеш погоден”.

Новата американска стартегија повторно ги предизвика светските армии да се вклучат во трендот, па така голем дел од земјите се обидуваа да развијат свои дронови. Но со исклучок на Русија и Кина кои направија прогрес на ова поле, американската беспилотна технологија до денешен ден остана неприкосновена и со речиси цела деценија технолошка предност пред главните конкуренти на ова поле.

Дронови во нападите на азербејџанската војска во Нагорно-Карабах/ Фото: YouTube/Screenshot

Кога годинава почна конфликтот во Нагорно – Карабах речиси сите воено – безбедносни експерти дадоа слични предвидувања, дека војната ќе биде статична, без голем простор за напредување на побројните азејберџански единици и дека отприлика ќе се повтори истата пат позиција од 90 – тите години од минатиот век. Но она што се случи ги изненади познавачите, бидејќи Азербејџан успеа со употреба на своите дронови да ја добие војната и релативно лесно да ја пробие дефанзивната линија на ерменските единици.

Пред да почне конфликтот не беше тајна дека Азербејџан поседува израелски самоубиствени летала и турските “Бајрактар” дронови. Но турските летала се покажаа како пресуден фактор кој ги деморализира ерменските единици, па така според податоците на азербејџанското министерство за одбрана уништени се 280 тенка и оклопни возила, 150 воени возила, 300 артилериски и ракетни системи, меѓу кои и ерменскиот систем С-300. Се разбира дека овие бројки треба да се земат со резерва бидејќи доаѓаат од една од завојуваните страни, но и независни извори цитираат слични показатели за ерменските загуби, што преставува навистина импозантна бројка.

Нагорно-Карабах / 28 септември 2020 / Фото: ЕPA-EFE / HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Употребата со дронови во исто време носи и силен психолошки деморализирачки ефект врз противникот, бидејќи замислете посада во тенк или покрај артилериско орудие која само чека да дојде смрт од небото а во исто време нема начин да возврати. Ерменските сили имаа и извесен успех во соборувањето на турските дронови но ефектот од соборен дрон и изгубена човечка посада е неспоредлив.

Сега кога македонската армија влезе во НАТО, Северна Македонија реши голема одбранбено-стратешка главоболка со членство во организација за колективна безбедност. Но тоа не значи дека армијата не треба понатаму да се развива и унапредува, бидејќи само на тој начин земјава ќе покаже дека заслужува да биде членка на алијансата. Лекцијата која АРСМ треба да ја научи од Нагорно – Карабах е дека при судир со противник кој на располагање има современи беспилотни летала конвенционалната армиска техника речиси нема никаква употребна вредност.

Ерменски воени позиции набљудувани од азербејџански дронови/ Фото: EPA-EFE/AZERBAIJAN DEFENCE MINISTRY HANDOUT HANDOUT EDITORIAL USE ONLY/NO SALES

Македонија и онака нема голема тенковска сила, земјава располага со 30 – тина тенка Т-72, но армијата на располагање стотина оклопни транспортери и артилериски орудија, како и скромни системи за противвоздушна одбрана. Ние не можеме точно да ги предвидиме идните ризици но можеме да се подготвиме за нив. Затоа министерството за одбрана во идните стратешки планови за развој на вооружените сили мора да стави голем акцент на беспилотното војување, како во дефанзивна така и во офанзивна смисла.

Нашата армија мора да располага со современи дронови за офанзивни дејствија со употреба на прецизно оружје, како и со средства за против – дронска  борба, како во форма на против воздушна одбрана така и за против електронско војување и онеспособување на системите за комуникација, наведување и нишанење на непријателските дронови. Во реал политиката како и во војната за жал владее законот на џунглата, јади или биди изеден, сигурен сум дека планерите на одбраната на Северна Македонија не сакаат ние да бидеме пленот во евентуална војна со технолошки понапреден противник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот