Лекции од Тоше кои не смееме да ги заборавиме

Човекот чие мото беше „ве сакам сите“ и знаеше само за искрена љубов и добрина, да беше жив, денеска ќе го прославеше 39-тиот роденден, а со сигурност сѐ уште ќе беше нашиот ангел кој нѐ направи бескрајно горди.

Тоше, веќе 13 години не е меѓу нас, откако трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа во Хрватска во 2007 година. Во текот на сите овие години, без големиот уметник и музичар, но и човек со големо срце, ние како народ се обидуваме да се рехабилитираме, пробувајќи да сфатиме што сме загубиле и да анализираме каков човек навистина беше тој.

Вистинското име на Тоше всушност е Тодор, што значи дар од Бога и сметам дека не постојат подобри зборови кои би го опишале неговиот карактер, како на професионален, така и на приватен план.

Настрана сите музички успеси, соработки со светски имиња и пофалби и почести кои ги добиваше од највисок калибар, лекциите кои Тоше ни ги остави за човечноста и хуманоста која ја носеше во себе, се работи кои засекогаш ќе носат голема тежина, секогаш кога ќе се спомне неговото име.
За политика не сакаше ниту да помисли, а не пак да зборува. Ја сакаше Македонија повеќе од сѐ, одликуваше со скромност и чесност, а најмногу сакаше да помага.

Хуманоста ја покажуваше на дело, беше вистински дар од Бога кој во секоја прилика ги даруваше сиромашните, а останува да биде запаметен и како еден од најголемите крводарители во нашата земја, поради што секоја година на овој ден се организира голема крводарителска акција токму во негова чест.

„За мене е незамисливо некој кој може да пружи нешто на оние кои имаат малку или немаат воопшто, да затвора очи и да не дава ништо“, рече Тоше во една прилика.

Иако живееше само 26 години, македонскиот и балкански бисер остави непроценливо богатство зад себе, па како што речиси секоја земја си има свој заштитен знак, тоа за нас беше Тоше и остана да биде – Вистински претставник на македонштината и амбасадор на добрата волја на Уницеф од 2004 година.

Вербата во Бога го однесе многу далеку, а насмевката од лицето не можеше никој да му ја земе.

„Цел свет е убав кога си насмеан. Кога си нерасположен, те нервира и сончев ден“, гласи една од неговите најпознати изреки.

Беше познат и по тоа што остана „спуштен на земја“, па во ниту една прилика не дозволи парите да го „кренат во облаци“.

„Никогаш не би се откажал од пријателите. Секогаш би бил со нив. Во добро и во зло. Во добро да се радувам, во зло да помогнам“, знаеше да каже Проески.

Синонимот за неизмерна љубов, радост и среќа одамна не е меѓу нас, но некои од неговите зборови  треба буквално да ни ѕвонат во уши на сите, и тоа не само на овој ден, туку секојдневно да нѐ потсетуваат на Тоше и нa луѓето како него, кои за жал сѐ поретко ги има во нашето општество.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот