Лекции кои живот значат – „Дедо и внук“ е македонска семејна драма која вреди да се погледне

Како само еден момент може животот да го сврти наопаку и сѐ да тргне по сосема неочекувана линија, сето тоа проследено со препознавање на сопствените грешки и учејќи непроценливи животни лекции, се само дел од работите кои можеме да ги видиме, но и длабоко да ги почувствуваме во првиот долгометражен филм на младиот режисер Илија Пиперкоски – „Дедо и Внук“.

Новото македонско филмско остварување доаѓа на големото платно во една плодна година за македонскиот филм, кога видовме навистина со каков капацитет располага нашата кинематографија, а посебно интересно е што „Дедо и Внук“ е првиот македонски филм снимен целосно во Охрид, иако приказната започнува од Скопје.

„Дедо и внук“ воедно е и последниот филм во кој го гледаме доајенот на македонскиот филм, легендарниот актер Салаетин Билал, кој по долго боледување почина и за жал не стигна да го види своето последно дело.

Освен Билал, во филмот се појавуваат уште неколку звучни актерски имиња, меѓу кои влегуваат: Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и младиот охриѓанец Наум Цветкоски.

„Дедо и внук“ е семејна драма, сѐ се одвива бавно, со тоа што режисерот навлегува длабоко во психологијата на ликовите, отсликувајќи ни ја врската помеѓу дедото, кој живее сам и внукот по име Никола, кој по многу години се враќа во Охрид, со цел да побегне од проблемите.

Филмот е огледало на секојдневието, тоа се забележува уште на самиот почеток, кога ни е прикажана една ситуација која за жал не е ништо ново во нашето здравство.

Никола е доктор, исто како и неговите родители, кои не дозволуваат да се оперира 10-годишниот Тони Наумовски, кој има проблеми со срцето и на кого итно му е потребна операција за да преживее.

Иако семејството на Тони собрало многу пари од донации, сепак родителите на Никола се тие кои не дозволуваат ова момче да се прати на операција во странство, со цел да се почека изградбата на нивната нова болница во Скопје, за тие таму да можат да се пофалат со Тони како нивна прва успешна операција.

Никола е кардиохирург кој сака да го оперира детето, но бидејќи не добива дозвола за тоа, ситуацијата се комплицира, па малиот Тони завршува на апарати, по што Никола се обидува да го реанимира, но без успех.

Овде започнува сѐ, се крева голема прашина во медиумите, родителите на Никола се исплашени, бидејќи знаат дека нивното неодобрување за операција на Тони во странство довело до негова смрт, па ќе мораат синот Никола да го испратат кај неговиот дедо во Охрид, со кого не зборуваат со години.

Иако на почетокот се случуваат низа настани и сѐ се одвива брзо, со самото пристигнување на Никола во Охрид приказната добива друг тек.

Во срцето на старата охридска чаршија живее дедо Никола, сам, речиси изолиран од општеството, кој работи како клисар во околната црква.

Овде режисерот се концентрира на ликовите и самиот однос меѓу дедото и внукот. Никола во Охрид наидува на своите стари рани, нерасчистени работи од минатото кои го прогонуваат, дознава дека има син од својата поранешна девојка која ја оставил пред 10 години и си заминал, мислејќи дека таа абортирала.

Охрид е нашиот бисер, па навистина не верувам дека постои подобро место за пронаоѓање на себеси и решавање на внатрешните превирања. Иако односот помеѓу дедото и внукот на почетокот е ладен и одбивен, со текот времето, тие полека се зближуваат.

Дедо Никола живее во стара куќичка, во мала соба со излитени гоблени и стар шпорет, а неговиот внук полека се прилагодува на животот со него.

Дедото не зборува многу, но секој негов збор вреди злато, кажува толку многу мудрости и лекции за животот што ќе го натераат Никола да размислува поинаку, учејќи од сопствените, но и од грешките на родителите.

Филмот завршува со смртта на дедото, набргу по прославата на неговиот 80-ти роденден, а Никола повторно добива шанса да спаси човечки живот, овојпат на својот син Марко, кој има проблеми со срцето, па завршува во болница.

Марко исто така има 10 години, како и младиот Тони, кого Никола не стигна да го оперира. Овојпат, тоа не е случај, Никола ќе го оперира своето синче, со помош на неговата мајка која исто така е медицинско лице.

Ако сте љубител на филм со многу настани и акција, тогаш оваа приказна дефинитивно не е за вас, но доколку обожавате да гледате семејни драми со кои ќе се соживеете, па можеби дури и ќе ви измамат некоја солза на очите, во тој случај топло ви го препорачувам.

Иако на крајот е како малку недоречен, недокажан, сепак ова е македонски филм со голема тежина, а обработува и тема која постојано се провлекува низ нашето здравство.

Првиот филм на Пиперкоски ни дава надеж дека добиваме уште еден квалитетен режисер, кој во своето прво дело прави успешен спој на две различни генерации, сплотува две сосема различни души и на крај нѐ учи дека животот секогаш ни дава втора шанса, како и дека љубовта ја носиме во нас, само треба да и дозволиме да исплива на површината.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот