Лекциите од реформираните учебници ги ужаснаа родителите

Учебници, Фото: Архива

Нервозни мајки од кои „треба да се бега“, Илинденско востание поради „незадоволство од власта“, „неправда“ во машкиот хокеарскиот тим бидејќи не примиле девојче… Жестока е дебатата во јавноста во врска со скандалозните импровизирани содржини во учебниците што се применуваат од почетокот на оваа учебна според новите образовни реформи.

Од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ поднесоа претставка до Народниот правобранител во која бараат повлекување од употреба на новите материјали за учење за прво и за четврто одделение, бидејќи сметаат дека тие се „пристрасни, необјективни, немаат научна основа и рефлектираат опасни тенденции за произволно толкување на историските настани“. Пропустите ги пријавија и кај Антикорупциската комисија, а побараа неотповиклива оставка од министерката за образование и наука Мила Царовска.

„Бараме МОН да запре со понатамошното спроведување на погубните реформи и да се обезбеди  национален дијалог за понатамошните чекори во делот на обезбедување подобри услови и образование по мека на децата“, се вели во барањето на иницијативата.

Изготвувањето на новите наставни програми од страна на МОН заврши летово, откако беа усвоени во март по неколкумесечна дебата. Концепцијата почна со прво и четврто одделение, а потоа етапно треба да ги опфати и другите одделенија. Реакциите на одделни родители се екстремни. „Царовска треба да одговара пред меѓународниот суд за уништувањето на недолжните дечиња во четвртите одделенија, ги повикувам сите родители да поднесеме кривична пријава за изживување“, коментира родител на социјалните мрежи.

Илинденското востание во новиот учебник по историја и општество е необично објаснето. „Востание е организирана борба на луѓето за поголеми права. Вообичаено се случува заради незадоволство од власта. Во Илинденското востание, населението било незадоволно од османлиската власт. Затоа повеќе истомисленици, се договориле да се борат за да ја променат власта, објасни дедо Димо“, пишува во учебникот.

Контроверзно е и охрабрувањето на учениците да го игнорираат својот пол во ситуации кога тоа им одговара. Наведен е пример со девојче по име Илимје, која не ја примаат во машкиот хокеарски тим, иако еднакво добро игра хокеј како машките. Противниците на реформата реагираа дека примерот ги наведува децата на погрешен заклучок дека на Илимје ѝ е прекршено правото на еднаквост, кога напротив, тренерот одлучил да не прими женско во машки спортски тим за да ја заштити од повреди.

Во „Прирачникот за наставници за примена на родова сензитивност во основно образование“, издаден пред неколку месеци, пишува дека основата на моќта произлегува од верувањето дека постојат два „природни“ пола… Противниците на реформата се гневни бидејќи, како што велат, полот не се доделува при раѓање, ниту се надминува со новововедениот родов идентитет.

Убедливо најмногу врева се крена околу лекцијата „Несреќен ден“ од учебникот по македонски јазик за четврто одделение. Во него мајката е претставена како нервозно плашило од кое таткото и децата бегаат во паника. Таткото и братот ја оставаат Мица сама во куќата, а таа слуша како кон неа се приближува одот на мајката, што во нејзино „толкување“ значи: „Многу сум лошо расположена и ќе го уништам секој што ќе ми се најде на патот“. Исмеаната мајка е всушност нервозна затоа што сама прави сѐ во куќата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот