Лекарска комора: Состојбата со ковид-19 е сериозна, потребни се дополнителни рестриктивни мерки

Фото:

Комисијата за заразни болести треба сериозно да го земе предвид воведувањето дополнителни рестриктивни мерки и протоколи, бидејќи се наоѓаме во исклучително сериозна состојба, од која може да излеземе само ако сите почнеме одговорно да се однесуваме и да ги почитуваме мерките за заштита, соопшти Лекарската комора.

– Треба да сфатиме дека секој од нас и сите ние заедно, преку своите постапки, можеме значително да влијаеме на намалување на бројот на новозаболени и на тој начин да се заштитиме себеси, нашите семејства, пријатели, колеги и сите други граѓани. Со доследно и трајно спроведување на мерките за заштита може да го спречиме ширењето на вирусот, смета Комората.

Тие како здравствени професионалци признаваат дека овие мерки се крајно непопуларни, но сметаат дека во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје повеќе од потребно е нивно воведување.

– Само со холистички пристап и земање на сите фактори предвид и со промптна реакција на сите полиња можеме целосно да се избориме со вирусот, посочуваат од Лекарската комора.

Од Лекарската комора ги повикуваат сите граѓани да ја препознаат сериозноста на ситуацијата во која се наоѓаме предизвикана од ширењето на Ковид-19 и со заеднички придонес и делување да им помогнат на лекарите во борбата за заштита на индивидуалното и колективно здравје, бидејќи тоа е единствениот начин да се спречи понатамошното ширење на вирусот и да се избегне колапс на здравствениот систем.

Комората посочува дека податоците од Институтот за јавно здравје укажуваат на тоа дека третиот бран на вирусот зема голем замав и веќе на дневно ниво се регистрираат над 1.000 заболени, а само од 1 март, кога имало 8.369 регистрирани активни случаи, до денеска овој број се зголеми на 12.819 болни.

– Паралелно растат и бројките на пациенти кои поради сериозноста на здравствената состојба и компликациите предизвикани од Ковид-19 имаат потреба од болничко лекување. Капацитетите на болниците речиси се исполнети, секојдневно бараме дополнителен кревет за згрижување на тешко болните. Голем проблем за одржливоста на здравствениот систем претставува и намалувањето на бројот на активни здравствени работници, бидејќи и меѓу нив расте бројот на заразени и на оние кои се во самоизолација, а дополнително е и тоа што се соочуваме и со премореност, бидејќи епидемијата трае многу долго. Голем дел од кадарот кој работи во ковид – центрите одамна не работи по систем на ротации, а многу здравствени работници немаат користено годишен одмор. Во услови на намален број на здравствени работници и непостоење на начин за кратко време тој да се зголеми станува јасно дека помал број на лекари, медицински сестри и болничари треба да се грижат за значително поголемиот број пациенти што неминовно влијае на квалитетот на здравствената нега која се добива, истакнуваат од Лекарската комора.

Со ангажирање на здравствените капацитети во лекувањето на Ковид-19, се посочува во соопштението, неминовна последица е сведување на минимум на капацитетите за дијагностицирање, лекување и згрижување на болни со не-ковид патологија, што дополнително го загрозува здравјето на популацијата.

– Со доследно и трајно спроведување на мерките за заштита, со држење на безбедна дистанца, носење заштитна мска, почесто миење на рацете и одбегнување на групирања и собирања, особено во затворен простор, може да го спречиме ширењето на вирусот, а со тоа и долго и тешко лекување на компликации, загуба на животи и уривање на здравствениот систем. Во услови кога сѐ уште се очекува да бидат обезбедени вакцини за поширок опфат на населението, единствено со придржување до овие едноставни мерки може пандемијата за кратко време да се стави под контрола, стои во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот