Лекарите во Македонија станаа боксерска вреќа на антиваксерите: Тепани, навредувани и напаѓани со одвратни коментари на социјалните мрежи

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Лекарите во болничките ходници во ковид центрите во земјава се движат со мобилни телефони на готовс да стиснат на ,,црвеното копче” кое веднаш ќе го алармира обезбедувањето да интервенира во случај доколку агресивен пациент или член на семејството почне да се заканува и да навредува. Медицинските лица често пати биле и физички напаѓани во државата, а за тоа казните и јавната осуда се речиси непостоечки.

Нивото на јавна свесност за тоа колку е важно медицинските лица да работат ослободени од притисоците на вербалните и физичките закани е ниско. Следствено на тоа и институциите не реагираат ажурно кога треба да се санкционира напад врз лекар. Последен во низата случаи беше оној во Охрид викендов кога пациент кој не сакал да чека во ред за преглед, фатил за гуша 62-годишна лекарка инфектолог. За среќа, интервенирале присутните во чекалната. Медицинските професионалци со кои поразговаравме на оваа тема, велат дека после ваков инцидент, целата смена е со пореметен тек, зашто е тешко да се врати во нормала лекарот и да се фокусира на работата откако претходно некој го нападнал.

Директорот на ГОБ „8 Септември“ доктор Христијан Костов за „Слободен печат“ вели дека во оваа установа веќе година и половина лекарите се движат со телефоните подготвени да притиснат на црвеното копче кое ќе го алармира обезбедувањето во случај на инцидент.  Во пандемијата, според неговата опсервација, евидентно е дека граѓаните се вознемирени, агресивни и овие напади и вербални закани се чести.

-Не сум дозволил да дојде до физички контакт, зашто имаме силно обезбедување. Ама агресивноста е голема особено после смртен случај. Благодарение на силното обезбедување, се се сведувало само на вербални закани, на навреди, пцовки и нема отидено до тепање. Еднаш во пандемијата моравме да викнеме и полиција, зашто семејството надвор од протоколот сакаше да го подигне телото на покојникот. Моментите на агресивност се затоа што граѓаните и пациентите се исплашени. Тоа што не се знае како ковид ќе напредува, создава анксиозност кај нив за исходот и агресија, смета доктор Костов.

И директорката на Инфективната клиника, доктор Милена Стевановиќ за „Слободен печат“ потврдува дека обезбедувањето на клиниката од почетокот на пандемијата има многу работа. Уште поскандалозно е што дел од семејствата на пациентите ги пронаоѓаат приватните мобилни телефони на лекарите и им испраќаат пораки со навреди и закани кои создаваат чувство на нелагодност кај лекарите и чувство дека не можат да се фокусираат на нивната работа. Според доктор Стевановиќ, на Инфективната клиника имало и случаи кога им ги сечеле гумите од автомобилите со нож, покрај заканите и навредите кои исто така многу го погодуваат медицинскиот персонал.

Заканите и навредите во живо се само еден сегмент. Постои и друга тактика со која се напаѓаат медицинските мислења на професори по медицина и на доктори, а тоа е на социјалните мрежи. Последен е случајот со директорката на Клиниката за детски болести доктор Аспазија Софијанова која стана мета на неумесни, скандалозни, лични навреди и хајка од антиваксерски организирани центри откако сподели стручен медицински став на педијатриски здруженија кои се однесуваат на вакцинација на децата. Сето тоа се случува во период кога Америка вакцинира деца над петгодишна возраст, а Македонија веќе има набавено детски вакцини против ковид од „Фајзер“ коишто се наменети за апликација во 2022 година.

-Мојата изјава не одеше во правец дека ние треба како политика во државата веднаш да вакцинираме деца. Тоа беше буквално што светот прави и врз база на тоа се дигнаа толку многу луѓе и направија тоа што направија. Имате секакви луѓе. Идејата на некои од нив е да тотално без никаква основа дебатираат и коментираат нешто, а немаат бекграунд во таа основа, дел се со лажни профили. Мене нема да ме замолчат, изјави доктор Софијанова во Утрински брифинг.

Доктор Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом Скопје, за „Слободен печат“ вели дека на социјалните мрежи добива вербални закани кои доаѓаат од непознати луѓе, особено откако почна во јавноста да ги споделува своите медицински знаења за коронавиурсот. Тој беше и ангажиран на Клиниката за неврологија во ковид центарот во еден од најагресивните бранови во пандемијата.

-Се работи за вербални закани од непознати на социјалните мрежи, дека убивам луѓе во ковид центрите, дека сум платен да ширам кампања против здравјето на луѓето, дека ќе одговарам, дека работам за пари и дека сум платен од агенда на СЗО и хазарите, што и да значи тоа. Тоа се некои рамноземјашки термини кои не ми се познати. Никогаш не ми се случило некој да ми пријде и да ми се закани во живо. Најчесто ваквите пораки доаѓаат после моите апели за вакцинација, но не ме обесхрабруваат. Јас не можам да се откажам од медицината базирана на докази и да се приклучам во антивакцинални теории на заговор, вели доктор Мехмедовиќ.

Доктор Ненад Лазаров е матичен лекар кој исто така во ковид пандемијата е мета на секојдневни закани на социјалните мрежи.

-Да ви го отворам инбоксот на Фејсбук, ќе видите најтешки навреди, да си го соберам јазикот, пцовки. Пред некој ден пациент ме пцуеше 15 минути на телефон зашто нема термин кога да му закажам преглед. Нас тоа ни е станато како добро утро. Затоа веќе никој не сака да работи. Среде корона бев и нападнат пред ординација. Еден се тепаше со девојка му и јас пријдов да го спречам, па мене ми се нафрли. Го пријавив, но разврска нема. Едноставно и повеќето колеги не пријавуваат во полиција за да не се прават конфликти, вели доктор Лазаров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот