Лекарите советуваат: Ако имате повеќе од 50 години, престанете со една навика, ќе го намалите ризикот од рак

Фото: Профимедиа

Нашите секојдневни навики имаат најголемо влијание врз нашето здравје, вклучувајќи го и животниот век. Она што редовно го правиме е поважно од повремено подложување на диета, учество во разни фитнес-предизвици еднаш годишно или обврзување на редовно вежбање неколку недели, само за да се вратиме на седечкиот начин на живот кога ќе исчезне мотивацијата.

Можеби веќе знаеме дека треба да направиме некои промени за доброто на нашето здравје, но не сме сигурни од каде да почнеме. Може да биде неодоливо да се обидете да направите драстични промени во исхраната и начинот на живот одеднаш. За луѓето кои имаат 50 или повеќе години и сакаат да почнат да живеат здраво, лекарката и експертка за долговечност, д-р Говри Реди Роко, нуди една промена за почеток. Со тоа би можеле да ги продолжат годините на животот.

Така, д-р Роко вели дека од пресудно значење е внесот на шеќер и алкохол да се сведе на минимум.

– Прекумерното консумирање шеќер и алкохол е една од најлошите навики за долговечност, бидејќи предизвикува високи нивоа на воспаленија кои негативно влијаат на целокупното здравје – рекла д-р Роко за „Парад“ (Parade).

Д-р Роко објаснува дека исхраната богата со високо преработена храна, полна со додаден шеќер, може да предизвика отпорност на инсулин (инсулинска резистенција), што може да доведе до дијабетес тип 2.

– Истражувањата покажаа дека високиот шеќер ги храни клетките на ракот, поттикнувајќи ги да растат, придонесувајќи за поголем ризик од Алцхајмерова болест, срцеви болести, висок крвен притисок и дебелина – истакнала таа.

Научните истражувања покажуваат дека замената на храна богата со додаден шеќер со храна богата со хранливи материи може да го зголеми животниот век за 10 години.

Тоа е затоа што храната богата со додаден шеќер обично има мала хранлива вредност и може да предизвика воспаление во телото, како што објаснила д-р Роко. Спротивно на тоа, храната богата со хранливи материи го намалува воспалението и затоа го намалува ризикот од хронични болести кои можат да го скратат животниот век.

Што се однесува до намалувањето на алкохолот, д-р Роко наведува дека прекумерното консумирање алкохол доведува до зголемен ризик од хронични болести, вклучувајќи Алцхајмерова болест, срцеви болести, висок крвен притисок и дебелина. Ова е особено важно со оглед на тоа што употребата на алкохол е во пораст кај возрасните над 50 години. Според едно национално истражување, се проценува дека околу 20 отсто од возрасните помеѓу 60 и 64 години и околу 10 отсто од постарите од 65 години во моментов прекумерно пијат.

– Добрата вест е дека исхраната со низок удел на шеќер и малку преработена храна, минималното пиење алкохол и консимурањето здрава храна може во голема мера да ги намали овие проблеми – истакнала д-р Роко, заклучувајќи дека никогаш не е доцна да се направат здрави промени во исхраната.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот