Легенди на Олимписки игри: Усаин Болт – „Молњата“

EPA/SRDJAN SUKI

Неизоставен дел од Олимписките игри и нивните херои е и најбрзиот човек на светот.

Низ истопријата на атлетиката имало многу големи спринтери како Џеси Овенс, Карл Луис, Мајкл Џонсон, но Усаин Болт е посебна категорија.
Атлетичарот во Јамајка и официјално е најбрзиот човек на планетата, тој е сопственик на светските рекорди на најатрактивните атлетски трки, на 100 и на 200 метри.

Што уште морам да направам за да покажам дека сум најголем? Се обидувам да бидам еден од најголемите, како Мохамед Али и Пеле. Се надевам дека по овие Игри ќе бидам во таа група – се зборовите на Болт по Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година.

Болт уште како тинејџер беше еден од најдобрите спринтери и ескпертите му предвидуваа голема иднина, во 2004 година стана професионалец и стана првиот јуниор кој патеката од 200 метри ја истрчал под 20 секунди. Болт и неговиот тренер Фриц Колман имаа големи очекувања од настапот на Олимписките игри во Атина 2004 година, но поради повредата на ногата, резултатите изостанаа.

Веднаш по Игрите во Атина, Болт доби понуда да тренира во САД и да продолжи да настапува за Јамајка, но тинејџерот ја одби оваа понуда и остана да тренира со колегите на Технолошкиот факултет во Кингстон. Тој по Атина, сепак направи една голема промена која се покажа клучна за неговите успеси, во 2005 година почна да работи со нов тренер, Глен Милс кој веднаш го препозна неверојатниот потенцијал на спринтерот.

Главниот пристап на Милс се засноваше на идејата дека „спортистот мора да загуби за да научи како да победува“ и го натера Болт наместо на 400 метри, да се натпреварува на најбрзата спринтерска трка, таа на  100 метри.

На Светското првенство во Хелсинки 2005 година, Болт се квалификуваше за финалната трка на 200 метри, но поради повреда на самата трка, заврши како последен. Сите тие порази го подготвија Болт да блесне на Олимписките игри во Пекинг 2008 година кога освои три златни медали и собори три светски рекорди.

EPA/CHRISTOPHE KARABA

На трката на 100 метри победи со време на нов светски рекорд од 9.69 секунди, потоа славеше и на трката на 200 метри со време од 19.30 секунди со што го собори светскиот рекорд на Мајкл Џонсон кој го постави на Игрите во Атланта 1996 година.

EPA/CHRISTOPHE KARABA

Болт го освои златниот медал и штафетната трка 4х100 метри со време од 37.10 секунди, но неколку години подоцна му беше одземен истиот бидејќи беше утврдено дека колегата од репрезентацијата на Јамајка, Неста Картер бил допингуван.

Поради неверојатниот настап на Игрите во Пекинг и соборените светски рекорди, Болт го доби можеби најпознатиот прекар во историјата на атлетиката – „Молњата“.
Веќе наредната година, за својот 23 роденден, „Молњата“ блесна два пати на СП во Берлин. Болт повторно ги собори двата светски рекорди на 100 и 200 метри. Финалната трка на 100 метри ја истрча за 9.58 секунди и стана првиот атлетичар кој ја пробил границата под 9.6 секунди.
На трката на 200 метри победи со време на исто така светски рекорд, 19.19 секунди, кој се уште е актуелен.

EPA/CHRISTOPHE KARABA

На Олимписките игри во Лондон 2012 година повторно победи на 100 и 200 метри со што страна првиот спринер во историјата кој два пати по ред на ОИ ги освојувал златниот медал на двете најпрестижни спринтерски трки. Болт во Лондон исто така го освои златниот медал и на штафетата 4х100 метри со време од 36.84 секунди, што беше нов светски рекорд.

Неверојатниот настап го заокружи на Олимписките игри во Рио де Жанеиро 2016 година кога повторно победи на трките на 100 и 200 метри како и на машката штафета на 4х100 метри победувајќи на три ОИ по ред на 100 и 200 метри, постигнување кое прашање е дали некој во иднина ќе успее да го повтори.
Покрај осумте златни медали од Олимписките игри, Усаин Болт има освоено уште и 11 златни медали на Светските првенства.

EPA/YOAN VALAT

Крајот на блескавата кариера на Болт заврши неславно, со повреда. На Светското првенство во Лондон 2017 година, Болт за прв пат по четири години загуби на трка на 100 метри, додека по точно 10 години е поразен на големите натпреварувања како СП и ОИ.
Првиот пораз на Болт дојде во полуфиналната трка на 100 метри кога за 0.01 стотинка загуби од Американецот Кристојан Колман, а во финалето го освои бронзениот медал завршувајќи зад Колман и шампионот Џастин Гетлин.

Последна трка во кариерата на Болт му беше штафетата 4х100 метри. На неа, по само 50 истрчани метри, Болт повторно се повреди, но одби да биде ставен во количка и со помош на колегите од штафетата на Јамајка, Омар Меклеод, Џулијан Форте и Јохан Блејк „ја заврши“ трката што претставуваше крај на блескавата кариера на „молњата“ Усаин Болт.

.
 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот