Легенди на Олимписки игри: Паво Нурми – „Летечкиот Финец“

Фото: Profimedia

Првиот херој на модерните Олимписки игри е „летечкиот Финец“, Паво Нурми кој се смета за најголемиот атлетичар на средни и долги патеки на сите времиња. Нурми дури 25 пати го соборуваше светскиот рекорд и е првиот спортист на кого му е подигнат споменик.

Мирен и повлечен Паво Нурми не делуваше како ѕвезда, а својата големина на покажуваше на патеките. Немаше тренер, единствен конкурент му беше времето, а луѓето го нарекуваа и „човек штоперица“ бидејќи не се одвојуваше од неа. На Олимписките игри во Париз 1924 година покажа дека може и без неа.

На Игрите во Париз освои пет медали за шест дена, а на трката на 1.500 метри беше толку самоуверен и доминантен за на нешто повеќе од половина до трката, на 700 метри до крајот, Паво Нурми ја фрли штоперицата и на целта влезе со одење, а не со трчање. На крос-кантри трката покажа колку е издржлив, иако сонцето буквално „печеше“ и натера 24 од 39 натпреварувачи да се откажат, Паво Нурми не изгледаше воопшто загрижен и на целта пристигна со две минути подобро време од второпласираниот тркач.

Фото: Profimedia

На истите Олимписки игри во Париз, финските власти му забранија на Нурми да се натпреварува на трката на 10.000 метри бидејќи сакаа да му дадат шанса златниот медал да го освои Вилe Ритола. Ова го налути Нурми кој одлучи да трча сам, надвор од конкуренција и со својата штоперица во раката. Дали можете да претпоставите како беше исходот?

Иако не се натпреваруваше на официјалната трка, времето на Паво Нурми беше подобро од победникот и олимписки шампион Виле Ритола.

Паво Нурми е роден на 14. јули 1897 година во Турку, а инспирацијата да стане тркач ја доби и Ханес Колехмаинен кој на ОИ 1912 година во Стокхолм за својата Финска освои три златни медали и тоа на трките на 5.000 метри, на 10.000 мети и на крос-кантри трката. Нурми тогаш имаше само 15 години, а по триумфот на Колехмаинен го купи првиот пар патики и започна со тренинзите.

Нурми беше воден од фразата „успехот во спортот зависи од посветеноста“, а неговите пријатели го споредуваа со машина. Зборуваа дека е неуморлив, дека бил ладен и не дозволил на никого да му се приближи и да го запознае за време на долгата кариера. Никогаш не се дружеше со спортистите, а интересно е што никогаш нема дадено интервју за време на активната кариера бидејќи не го сакаше публицитетот. Финскиот новинар Мартија Јукола во 1935 година  за него напиша:

„Имаше нешто натчовечко во него, а го освои светот токму поради својата натприродна моќ“.

Фото: Profimedia

Првиот пораз во кариерата го доживеа на финалната трка на 5.000 метри на Олимписките игри во Антверпен 1920 година и тоа од Французинот Жозеф Жилмо.  Во Антверпен, Паво Нурми освои три златни медали, на 10.000 метри, на тимската и на индивидуалната крос кантри трка.

Четири години подоцна, на Игрите во Париз освои пет златни медали (1.500 метри, 5.000 метри, на индивидуалната и тимската крос трка и на тимсклата трката на 3.000 метри). На Игрите во Амстердам 1928 година, Нурми призна: Времето ме гази, почнав да стареам.

Во Амстердам 1928 година, Паво Нурми го освои златниот медал на 10.000 метри, додека беше олимписки вицешампион на 5.000 метри и на 3.000 метри со пречки.

Крајот на Паво Нурми дојде во 1932 година кога „летечкиот Финец“ на Игрите во Лос Анџелес сакаше да го брани златниот медал на 10.000 метри, но организаторот и ИОК му ставија рампа.  Причината е дека беше утврдено оти Нурми повеќе не е аматер и ги наплатил патните трошоци за турнејата низ Германија во 1925 година. Во тоа време спортистите можеа да учествуваат на Олимписките игри само доколку не добивале пари од спортот.

Паво Нурми не го напушти Лос Анџелес, остана да ги води тренинзите. Неговата молба да се натпреварува на маратонската трка беа игнорирани иако на негова страна застанаа дури и конкурентите.

Подоцна Нурми тврдеше дека бил подготвен не само да го освои златниот медал туку и да собори светскиот рекорд.

EPA/ROBERT GHEMENT

Последниот медал го освои на 4 октомври 1931 година во Германија кога победи на 5.000 метри. Последната трка ја имаше во родната Финска победувајќи на 10.000 метри.

Паво Нурми го запали олимпискиот оган на свеченото отворање на Игрите во Хелсинки 1952 година. Никој на стадионот, но и во јавноста не знаеше дека легендарниот Финец ќе го запали олимпискиот оган. 70.000 навивачи беа шокирани од појавувањето на Нурми, но потоа следеа овации за „летечкиот Финец“.

Нурми почина 1973 година, а е погребан во државни почести во неговиот роден град Турку, а низ цела Финска се подигнати негови статуи, како и во Швајцарија каде е седиштето на Меѓубародниот олиумоиски комитет (ИОК).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот