Легендарни песни на Рамбо Амадеус добиваат „нови агрегатни состојби“ со Биг бендот на ЗЏМ

Здружението на џез-музичари и слободни уметници на Македонија – ЗЏМ на заедничка прес-конференција со Рамбо Амадеус го најавија концертот „Чудо на Балканот“, што ќе се одржи на 8 декември, со почеток во 20.30 часот, во големата сала на Филхармонија.

Станува збор за несекојдневен и уникатен концерт на кој Биг бендот на ЗЏМ ќе настапи заедно со Рамбо Амадеус. Ќе бидат изведени 15-ина легендарни композиции кои го опфаќаат периодот на целокупното творештво на Рамбо во изминатите 30 години. Аранжмани за Биг бенд на селектирани песни од Рамбо Амадеус за концертот направија Гордан Спасовски, Владимир Николов, Сашко Николовски, Дамир Имери, Иван Петровски, Владимир Ботев, Џијан Емин, Трајче Велков.

Во име на ЗЏМ на прес-конференцијата присуствуваа Гоце Стевковски, Гордан Спасовски и Џијан Емин, додека Рамбо Амадеус, секако, зборуваше во свое име.

– Музиката е еден неограничен простор и зборува со универзален јазик. Музиката ја разбираат насекаде низ светот, од Амазонија до Шведска. Лично, отсекогаш сум сакал музиката што ја создавам да добива нови агрегатни состојби. Во еден период работев и со гудачки оркестар во обид да направам опера. Многу ми е возбудливо што сега гледам дека некои мои песни добиваат сосема нов живот. Тоа може да се сфати и како признание за мојата долгогодишна работа. Многу ми е мило што својата музика можам да ја слушнам на сосема нов начин. Не станува збор за шоу-бизнис, или естрада, туку гледам уметници на кои им е битно тоа да се направи како што треба. Овој начин на работа ми изгледа супер и се надевам дека оркестарот на ЗЏМ со мојата музика ќе ги освои симпатиите и во регионот – рече Рамбо Амадеус на прес-конференцијата.

Рамбо Амадеус себеси се нарекува Мегацар, но скромно верува дека неговиот стил на музицирање го разбираат луѓето од просторот на којшто се зборуваат јужнословенските јазици. Таму каде што разбираат што сака да каже со своите песни, до таму досегнува и неговото значење како музичар. Но, се надева дека ЗЏМ „повлекува нога“ неговата музика да се слушне и на други меридијани. Во таа смисла, во план е целиот концерт да биде снимен, со што ќе биде можно музиката да се дистрибуира на поширок простор.

Композиторот, аранжер и диригент Џијан Емин се потсети на некои времиња, уште кога одел на училиште, дека го слушал албумот „ППК М-91“. Можноста да има заеднички концерт со Рамбо Амадеус сега ја чувствува како фантастичен момент и за него и за сите членови на Биг бенд оркестарот на ЗЏМ, но и за публиката што ќе има можност да присуствува на концертот. Инаку, концертот веќе е распродаден.

– Композициите што се селектирани за концертот ќе бидат изведени со нов аранжман, но и во нов дух, со нов шарм. За оркестарот на ЗЏМ е многу важно што самите влегуваме во наш „фазон“, каде што ние учествуваме во креацијата на музиката. Мене тоа ми е многу драго и многу ми е важно, затоа што основата на постоењето на оркестарот на ЗЏМ е да се занимава со создадање нова музика – рече Џијан Емин.

Концертот „Чудо на Балканот“, практично ќе биде шоу на Биг бендот на ЗЏМ во кое Рамбо Амадеус ќе учествува како гостин, бидејќи своите песни ќе ги изведува според нотите и аранжманите на оркестарот. Откако слушнал дел од оркестарските изведби на неговите песни, дури и на Рамбо Амадеус му пораснале апетитите околу нови верзии во овој стил на други негови песни. Сепак, во креацијата на финалната листа на песни за концертот Рамбо Амадеус не сакал да се меша и имал комплетна доверба во аранжерите од ЗЏМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот