Леброн по пласманот во големото НБА финале: Работата сè уште не е завршена
По победата над Денвер нагетс во финалето на Западната конференција, ѕвездата на ЛА Лејкерс, Леброн Џејмс ја цитираше легендата на „езерцата“ Коби Брајант.
Џејмс не дозволи Денвер да направи ново изненадување и го предводеше својот тим до победата од 117:107 во петтиот натпревар кој беше последен во серијата против Денвер.
– Ова беше тешка серија, игравме против една од најдобро тренираните екипи, тим кој е респектиран од сите во НБА. Го сакам тренерот Мајк Мелоун, тој е неверојатен тренер и е причина зашто Денвер е толку добар. Размислуваме за следниот противник, но прво мора да одмориме еден ден и да се вратиме во сала – изјави Џејмс.
Кошаркарот на ЛА Лејкерс предупредува дека работата не е завршена со пласманот на екипата во големото НБА финале. Џејмс ја повтори реченицата на легендарниот играч на „езерцата“ Коби Брајант кој неколку пати кога неговиот тим водеше со 2:0 во плеј-офот велеше „сè уште не е готово“.
– За мене лично, работата не е завршена, но убаво да се доживеат сите овие моменти и тоа е дел од процесот. Горд сум што тим како ЛА Лејкерс се врати таму каде што припаѓа, да се бориме за титулата. Поради тоа и јас дојдов во Лос Анџелес – додава Џејмс.