ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА ЛАЖЕН ПАТРИОТИЗАМ: Стоилов не го откачи Шилегов, ниту пак признанието од Владата остана на „Илинденска“

Фото: Фејсбук

Со радоста за ракометарите на Вардар, дојдоа и бројните лажни вести со кои се билда лажниот национализам. Деновиве, а особено вчера сме сведоци на купишта вести од типот, „Столе не издржа, по Заев, немаше сила да се слика и со Шилегов“, „ПРИЗНАНИЕТО ОД СЕВЕРНА ОСТАНА НА МАСА ВО ВЛАДА: Ракометарите на Вардар не го земаа признанието од Владата“.

На ваквите вести многумина наседнаа, не само граѓаните на социјалните мрежи кои ги читаа, туку и дел од пратениците.

Во некои медиуми прочитавме и информација дека капитенот на клубот, Стојанче Стоилов, онака патриотски, го откачил градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и не се фотографирал со него. Лагата отиде дури дотаму што беше објавена фотографија на која Стоилов го нема, а наводно била преземена од РК Вардар и беше нагласено дека на неа не било интервенирано.

„Капитенот на Вардар го нема на сликата направена по средбата на клубот со градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Откако предходно беше дел од средбата и сликањето со премиерот Стојанче Стоилов го нема на сликата со Шилегов кој од буџетот на град Скопје ќе префрли 100 илјади евра за Вардар за успехот во Келн. Сликата на Вардарци со Шилегов е преземена од профилот на РК Вардар и на неа не е интервенирано туку е објавена целосно“, гласеше ударната вест на еден од порталите.

„Слободен печат“ ги провери ваквите информации и дојде до заклучок дека се е чиста лага и измислица, со цел да се билда некаков си национализам и патриотизам и тоа врз грбот на нашите шампиони, ракометарите на Вардар.

Побаравме изјава од извршинот директор на РК Вардар, Давор Стојановски, кого го прашавме, дали е точна информацијата дека ракометарите ја оставиле плакетата за признание во Владата. Тој зачудено ни рече дека првпат слуша за такво нешто.

– Плакетата ја земавме, еве ја во моментов пред мене – изјави Стојановски.

Ваквата информација ни ја потврдија и од Владата.

„Управата на РК Вардар го прими и го зеде со себе доделеното признание и секоја поинаква информација за ова прашање е лажна вест“, ни одговорија од Владата.

Што се однесува пак, до информацијата дека Стоилов го откачил Шилегов, вистината е сосема друга. Медиумот кој ја објави ваквата вест, намерно го исекол Стоилов, кој пак стоел на крајот и бил совршена мета за да летне од фотографијата.

Фотографиите објавени на профилот на Шилегов и на РК Вардар, покажуваат нешто друго. Стоилов се сликал со градскиот татко.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот