Лажни вести, вистински последици

Пренасочување – Нивната работа е да заведат цели земји на погрешна трага. Да прикријат политички промашувања или неисполнети ветувања, да ги спречат истражителите на корупција, да ја блокираат вистината. Докажан трик за пренасочување на вниманието од реалните проблеми

Теодор Рузвелт, американскиот претседател од почетокот на 20 век, своевремено кажал дека најмногу се лаже во љубовта, ловот и во предизборната кампања.

Требаше да поминат децении за лагите да се вселат на голема врата во вестите. За да се обесмисли професионалното новинарство, нацистите тоа го нарекуваа „лигенпресе“, лажлив печат. Потоа Доналд Трамп го прифати терминот „фејк њуз“, лажни вести, израз што го користи за сите медиуми што не го поддржуваат.

Лажните вести, пак, како и лажните „гучи“ и „патек филип“, се направени за да изгледаат како вистински. Оние што ги создаваат, особено во времињата на социјалните мрежи, не се ништо друго туку фалсификатори маскирани во пропагандисти, иако тука постои една капитална разлика.

Творците на лажните вести и спинови се многу поопасни од производителите на лажни чанти или часовници. Нивната работа е да заведат цели земји на погрешна трага. Да прикријат политички промашувања или неисполнети ветувања, да ги спречат истражителите на корупција, да ја блокираат вистината. Докажан трик за пренасочување на вниманието од реалните проблеми.

Трамп не е стратег ниту посебно идеологизирана личност, нему лажните вести му се неопходни заради лични или политички интереси. Атакувајќи на слободата, го користи како алатка за да ги омаловажи противниците, да ги мобилизира следбениците и, најмногу, за да ги дискредитира „непослушните“ медиуми, кои агресивно го истражуваат неговото претседателствување.

По примерот на Трамп

Кога американски претседател ја напаѓа слободата на печатот, тогаш автократите низ светот, но и лидерите на некои демократии, брзаат да го имитираат. Кованицата лажни вести стана глобален проблем, закана за демократијата и за владеењето на правото, омилена алатка за пресметка со ривалите и ненаклонетите медиуми. Моќно оружје за дискредитација, особено во земјите со кревки медиумски слободи, од Филипините и Тајланд, преку Сирија и Египет, до Унгарија, Полска или Србија.

Во Бурунди, поради „лажни вести“ го забрануваа Би-би-си. Јордан има закон што на властите им овозможува да проценат што е лажна вест и да ги казнат оние што ја пренесуваат. Руското министерство за надворешни работи користи голем црвен печат со ознака „ЛАЖНО“, за новинските извештаи што не му се допаѓаат. На авторитарците, лажните вести им се омилен инструмент за манипулативно владеење, штит со кој државите ги потиснуваат сопствените критичари, како Кина за притајувањето на пандемијата. За лажни вести се прогласува сè што не им се допаѓа. Извртено прикажување на политички посакуваната стварност.

Курти соборен со Твитер

Лажните вести се и за внатрешна употреба исто колку и за надворешна. Деновиве во Европскиот парламент беше претставена студија за улогата на лажни вести на Западен Балкан, во која, меѓу другото, е заклучено дека косовската влада на Албин Курти „во основа е урната со американска операција на дезинформации“, во која преку социјалните мрежи се вклучиле и некои локални политичари.

Студијата направена за Надворешнополитичкиот одбор на Европскиот парламент наведува дека специјалниот пратеник на Трамп за преговорите помеѓу Србија и Косово, Ричард Гренел, уредил преку Твитер да се пласира лажна вест за повлекување на американските војници од Косово, со што било поттикнато гласањето недоверба на владата на Курти во март, неполни два месеца откако беше формирана.

– Политичкиот исход може директно да им се припише на дезинформациите – заклучено е во студијата.

Дезинформациите се доминантни во српските медиуми, главно под контрола на режимот, а честопати со поддршка од руските мрежи. Во Босна и Херцеговина, попрецизно во Република Српска, се користат за дискредитирање на Европската Унија, додека во Црна Гора со лажни вести се користат двата политички блока.

Руски „фабрики“

Лажните вести ја поткопуваат и она малку демократија на Западниот Балкан, па Европската комисија во 2018 година состави кодекс на практики за дезинформациите, на кои доброволно им се придружија платформите како „Фејсбук“, „Гугл“ и „Твитер“, но се покажа дека тоа не е доволно.

Комисијата во почетокот на декември првпат предложи санкции за „надворешни актери“ поради ширење лажни вести. Најголемиот дел се фабрикувани по Русија и Кина, чии пропагандисти секојдневно пукаат баражи од лажни вести за политичко чувствителни теми за да ги обесмислат критиките. Дипломатската служба на Унијата само годинава идентификувала повеќе од 500 примери на дезинформации во интерес на Кремљ за ковид-19, односно вкупно 10.000 откако почнало следењето во 2015 година.

Тоа што лажните вести на Трамп се прифатени на многу адреси треба да загрижува, бидејќи оваа фаза опасно ги прикрива обидите за еродирање на довербата на јавноста во демократските институции и во етичноста на медиумите во време на налет на популизам и авторитарност.

Нарушена рамнотежа

Лажните вести се вистински проблем. Колку што вестите со ваков епитет го загрозија новинарството тешко е да се каже, особено во земјите во кои медиумите се под цврста контрола од државата, а новинарите се изложени на разни притисоци. Во таквите средини лажните вести ги користат официјалните канали, па социјалните мрежи се осамена брана против манипулациите на властите и блокадите на традиционалното новинарство.

Дали алтернативните медиуми се решение? Проблемот е што доаѓањето на социјалните медиуми ја наруши рамнотежата, бидејќи ги прикажуваат вистинските и фиктивните приказни и податоци на толку сличен начин, што на публиката ѝ е тешко да ги разликува. Стотина сајтови шират „позитивни“ лажни вести, инспирирајќи национализам спакуван како патриотизам. Луѓето ги прифаќаат тие верзии или остануваат збунети.

Се покажува дека ерата на лажните вести рамномерно го уништува кредибилитетот и на класичните и на алтернативните медиуми. Манипулациите придонесоа сè помалку Французи и Грци да бидат спремни на социјалните мрежи отворено да кажат што мислат.

Вистината не е важна

Работите се свртеа наопаку. Вистината како да не е важна повеќе. Избрани медиуми се прогласуваат за непријатели на народот, лажните добиваат промоции и награди. Создадена е алтернативна стварност, која е одбиена од напорите на медиумите со вистина и објективност да ја поддржат демократијата.

Лажните вести се лансираат за да се зацврсти недопирливиот авторитет на власта и за да се урне слободата на говорот како темелна вредност на слободното општество. Ставањето на медиумите под контрола на власта, во исто време придонесе за губење на довербата во класичните медиуми.

Затоа германскиот стручњак за лажни вести Александер Зенгерлауб порачува: „Кога користите медиуми, отворете четири очи! Дали информациите пристигнуваат од сериозен извор? Може ли да му верувам на тој медиум?“.

Очигледно е дека во времињата на „брз живот“ многумина пропуштаат да го направат токму тоа.

Здравјето на демократиите низ светот во голема мера зависи од начинот на кој ќе се спротивстават на феноменот на лажните вести.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот