Лажни лекови на пазарот ги мамат пациентите, неинформираноста убива – апелираат лекарите

Фото: Архива

Ги контролира ли некој незаконските канали за продажба на лажни лекови. Откако д-р Златко Савоски, специјалист интернист и еднокринолог од прилепската болница, на неговиот фејсбук-профил, објави дека за малку е избегната смрт кај 27 годишник како резултат на лекот Сугарнорм, се обративме со Агенцијата за лекови со цел да дознаеме дали ваков лек е регистриран во Македонија.

Сугарнорм воопшто не е лек, туку додаток на исхрана, и затоа таков препарат ниту суплемент ние како Агенција за лекови немаме регистрирано. Сугарном се продава преку интернет, што е строго забрането. Законот е дециден дека лекови се продаваат само во аптеки. И покрај тоа, на нашата веб страна има поставено соопштение за граѓаните, со апелда не купуваат непроверени лекови ниту препарати. И преку Слободен печат сакаме да апелираме да се купуваат лекови единствено преку аптеки, вели директорот на Агенцијата за лекови, Лирим Шабани.

Тој нагласува дека воспоставиле контакт со Прилепската болница во која се случил инцидентот, и неофицијално дознале дека пациентот на своја рака ја прекинал инсулинската терапија, и почнал со примена на Сугарнорм верувајќи дека ќе му помогне.

Претседателот на Националната комисија за дијабетес на Македонија, доктор Ирфан Ахмети вели дека ендокринолозите никогаш не препорачуваат додатоци во исхраната што не знаат каква интеракција ќе имаат хронично болните од Дијабет.

-Никогаш јас лично, а ниту моите колеги не сме препорачале терапијата да се надополнува со било какви додатоци. Посебно не смеат да експериментираат пациентите со Дијабет тип1, тие се најзасегнати. Пациентите освен докторот што им ја води терапијата не смеат да слушаат никој друг и да веруваат дека со тоа ќе ја намалат дозата или пак дека целосно ќе прекинат со употреба на инсулин. Дури и да користат некакви додатоци во исхраната, не смеат во никој случај да прекинуваат со инсулинската терапија, предупредува доктор Ирфан Ахмети.

Слободен печат уште пред една година пишуваше за опaсноста од користењето на овој препарат кој се продава нелегално, а се рекламира по социјалните мрежи.

Зошто надлежните и покрај предупредувањата, не презеле ништо за да ја спречат продажбата на нелегални лекови, прашавме во Државниот пазарен инспекторат.

-Имаме проблем при лоцирање на продажбата на производите што се продаваат на интернет. Можно е производите да се нарачуваат и од Бугарија или Косово, а кај нас пристигнуваат по карго. Доколку би пријавил некој што нарачувал производ преку интернет, ние лесно ќе навлеземе во трагата на тој производ, вели директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека овој производ е одобрен и легален.

-Капсулите SugaNorm, произведени во Латвија, во 2018 година се одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство како додатоци во исхраната, внесени во Регистарот на производи кои ги исполнуваат посебните барања за безбедност како додатоци на исхрана (https://drive.google.com/file/d/1XhW_rPsSy3DkoeJp6ejo7CKMTFxkulEc/view) и легално се продаваат на пазарот во земјава. Согласно одредбите од Законот за безбедност на храната и подзаконските акти кои ја регулираат оваа материја, оваа категорија производи задолжително мора да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, односно само доколку операторот со храна, врз основа на поднесеното барање до Агенцијата за храна и ветеринарство добил Мислење за усогласеност на производот согласно националните прописи. При спроведување на оваа постапка се следат прописите во однос на составот, означувањето и бараната документација содржани во Правилникот за посебните барања за безбедност на додатоците на исхрана, велат од АХВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот