Лажната вест за Меркел, Наќе и Антонијо Милошоски

Фото: Слободен печат

Гледајќи ја онаа потресна сцена кога кутрата Ангела Меркел се тресе од дехидрираност застаната до комедијантот Володимир Зеленкси, кој само привремено е претседател на Украина, ме обли искрено чувство на жалење.

На оваа жена ѝ е потребна пензија, беше мојата прва помисла, откако ја прочитав нејзината изјава дека откако испила три чаши вода се чувствува подобро.

И тогаш онака несвесно ми текна на една друга изјава, која пред неколку месеци ја даде белградскиот квази новинар и трагач по лажни вести Дејан Лучиќ, кој во телевизиско интервју откри дека канцеларката, за која знаеме дека е немажена, во младоста била лудо вљубена во извесен Наќе родум од с. Ижиште, во непосредна близина на Кичево.

Знам дека на Лучиќ не треба да му верувам, но ете мои блиски луѓе добро го познаваат Наќе, за кој во моментов тврдат дека живее во Нови Сад или не, чекај, да, во Виена е преселен. Сигурен во тоа дека Наќе е реален лик, ја прифаќам и приказната за тоа дека токму тој е човекот кој на некакво летување во Бугарија и го украл срцето на Источногерманска скоевка, која запиена во неговите зелени очи барем за кратко престанала да го чита вториот том од марксовиот „Капитал“.

Си ја замислувам како многу години подоцна Ангела поднамрштено гледа низ прозорецот на својата канцеларија и мислите ѝ се навртуваат на Наќе. Срцето ѝ затреперува и таа наеднаш станува од фотељата и без многу трте-мрте, истрчува од седиштето на владата и влегува во црвеното „порше“. За само неколку часа е во Виена или во Нови Сад сеедно, го убедува Наќе за пет минути дека им е судено староста да ја поминат во заедничка љубов и правец Ижиште.

Малку ќе се поколеба Ангела кога ќе види дека во славното село на Наќе нема ниту асфалт, нит вода, ни канализација, но тоа нема да ја поколеба. Со парите од продажбата на „поршето“, кое се купува во соседната Пласница по кратка постапка зошто баба го возела, ја реновира полусрушената куќичка, изградена во втората половина од 18. век во типичен македонски архитектонски стил со голема дрвена порта и чардак на вториот спрат. Со животната заштеда купува осум крави и четири прасиња, а оградата околу дворот ја средува со кредит, земен на нејзината солидна германска пензија. Остварува редовни контакти со Димитрије, единствениот жител на селото, за кого велеа дека има над 80 години, во времето кога јас имав 27. Со Наќе ќе организираат и една пригодна веселба со која ќе го одбележат стапувањето во брак, а досетливите музичари на поранешната најмоќна жена во светот ќе ѝ ја отсвират нумерата „Доста фронлајн одев“.

Е сега можеби ќе се запрашате зошто ги пишувам овие глупости, за кои многумина би се сложиле дека се одличен материјал за пишување на лажна вест. Значи изворот е докажано токсичен, споредните факти се благо речено непотврдени, а дејствијата се потполно измислени, па имаме школски пример на „пита гомнарка“. Поентата е во тоа што доколку Ангела Меркел навистина се пресели во с. Ижиште, при првата прослава на Водици, ќе има прилика да се запознае со кралот на македонските лажни вести Антонијо Милошоски, актуелен пратеник во македонското Собрание и поранешен министер за надворешни работи.

Во неврзан разговор со македонскиот „Минхаузен“, Меркел ќе дознае дека неговото семејство приватизирало сè што било возможно да се приватизира во селото, се разбира за откупна цена од денар по квадрат. Исто така Меркел би можела да дознае дека солидното познавање на германски јазик, Антонио го должи на стипендијата што нејзината Демохристијанска партија му ја додели на некогашниот портпарол од ВМРО-ДПМНЕ, да замине на специјализација во институтот „Конрад Аденауер“ и токму таму да го испече демагошкиот занает. Ќе дознае и симпатичната Германка дека Милошоски е едно од последните деца што е родено во Ижиште, но и дека тој нема намера да се врати таму, покрај толку многу куќи и станови изградени по Кичево и Скопје.

Наредната пролет Ангела ќе се качи на полјаната каде своевремено беше сниман филмот „Јагне на ражен“ и сосема сама ќе размисли за тоа каде згрешила. Дали беше грешка што со Наќе дојде во оваа вукојебина или можеби што наивно поверува дека по германски терк школуваните балкански политичари ќе се научат на ред и поредок?

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот