Лажен Кличко разговарал со европски политичари, барал бегалците од Украина да се вратат назад

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко/ Фото Hennadii Minchenko / Zuma Press / Profimedia

Градоначалниците на Берлин, Виена и Мадрид разговарале во видео повик со личност која звучела и изгледала како градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, но биле измамени.

Европските градоначалници биле измамени при видео повици за кои се покажало дека се лажни, пишува Гардијан. Градоначалничката на Берлин, Франциска Гифеј во петокот учествуваше во закажаниот разговор на платформата за видео конференции webex со личност за која рече дека изгледала и звучела како Кличко.

„Немаше знаци дека видеоповикот не бил одржан со вистинска личност“, се вели во соопштението од нејзината канцеларија.

Дури по околу 15 минути наводниот градоначалник на Киев почнал да зборува за проблемот со украинските бегалци. Лицето на видеото, кое се претставувало како Кличко, ги повикало бегалците да се вратат во Украина и да се приклучат на војската.

По таа изјава, на градоначалничката на Берлин и’ станало сомнително. Откако врската накратко била прекината, кабинетот на градоначалничката на Берлин контактирал со украинскиот амбасадор во Германија. Тој стапил во контакт со Киев и потврдил дека личноста во видеоповикот не е вистинскиот Кличко, објави Дер Шпиегел.

Дип фејк снимките користат форма на вештачка интелигенција која создава слики од лажни настани или анимации на политичари кои држат лажни говори.

„За жал, реалноста е дека војната се води со сите средства, вклучувајќи го и Интернетот, со цел да се поткопа довербата со дигитални средства и да се дискредитираат партнерите и сојузниците на Украина“, рече Гифеј.

Ист видео повик имаа и градоначалниците на Виена и Мадрид.

Канцеларијата на градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида, исто така, поднесе пријава во полиција за некој што лажно се претставувал како Кличко во видео повик. Според неговиот портпарол, градоначалникот веднаш по почетокот на разговорот му се посомневал и го прекинал разговорот.

Градоначалникот на Виена, Мајкл Лудвиг, во средата објави на Твитер дека разговарал со Кличко преку видео повик. Твитот беше избришан во саботата.

Набргу потоа, на официјалната страна на Виена беше објавено соопштение дека Лудвиг се чини дека бил жртва на „сериозен случај на сајбер криминал“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот