Лазаров веќе со мислите кон ЕП: Да направиме една респектабилна репрезентација!

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Македонија в среда ќе го игра петтиот натпревар од квалификациите за пласман на Европското првенство, противник е „аутсајдерот“ во групата, Финска, дуелот е од 17.00 часот.

Селекторот Кирил Лазаров е свесен дека Македонија ќе биде дел и од следното ЕП, но тоа не значи дека треба да се „лета во облаци“, туку мора максимално сериозно да се сфатат новите задачи.

– Колку и да сме опуштени и релаксирани со оглед на тоа што сме теоретски пласирани на Европското првенство во Унгарија и Словачка, мојот и нашиот карактер на мојот тим, на стручниот штаб, нема да ни дозволи да се опуштиме максимално, ние сме победници и сакаме да победуваме.

Имаме голема љубов, желба и ентузијазам да работиме и да создадеме нешто ново, некој нов „производ“. Ќе ги сфатиме максимално сериозно натпреварите против Финска и Швајцарија. Ни се приклучи и Филип Миркуловски, тој вчера имаше натпревар, јас имав, искусни сме во тие ситуации, знаеме дека треба да се одмориме еден ден, утре и ние се приклучуваме кон селекцијата.

Утре одиме за Финска, максимално го искористуваме овој ден, и повеќе од тоа. Имаме конкретна, јасна слика за Финците, во каков состав и со што би можеле да изненадат. Помалку или повеќе сме подготвени за тој меч, затоа што фативме рутина на функционирање на овој систем.

Кузмановски: Финците ни правеа проблеми, но имаме квалитет и одиме на победа!

Ќе имаме уште еден тренинг утре изутрина, да одиме чекор по чекор, да не зборуваме за Швајцарија. Против Финска сме фаворити, така и ќе се поставиме. Треба да се испочитуваме самите себеси индивидуално и колективно. Ние сме ракометна нација, клупско и национално, и така и ќе се поставиме. Секој треба да си преземе одговорност, јас како селектор, играчите индивидуално и не треба во ниту еден момент да се посомневаме дека Финска треба да ни направи проблем, треба почит спрема нив и нивниот ракомет, и своите вложувања, но ние одиме да победиме – изјави македонскиот репрезентативец и воедно селектор на сениорите, Кирил Лазаров.

Нашиот стратег вели дека се има краткорочни и долгорочни цели, победите ги посакуваме, но желбата е и да добиеме некој нов играч кој исто така ќе има значаен придонес во иднина кон успешни резултати на репрезентацијата.

– Свесен сум што нѐ очекува на Европското првенство, дека можеби со краток ростер ќе издржиме физички прв круг, после ќе следува тоа што го имаме како искуство од изминатите години. Сакаме што повеќе играчи да добиеме во иднина, затоа и повикувам доволен број на играчи, в четврток ќе ни се приклучат и трите резерви (Павле Атанасијевиќ, Дејан Кукуловски и Цветан Кузмановски), така што ќе ги провериме и нив. Ќе имаме на располагање 24 играчи и ќе пробаме секој можен период да го искористиме, да видиме со што располагаме за да можеме полека да се подготвуваме за тоа ЕП и да ја градиме оваа нова репрезентација. Еве заедно со Миркуловски, се надевам дека ќе бидеме уште некое одредено време, треба да мислиме на иднината, јасно ни е дека тоа не е лесен процес, но ќе работиме, ќе се посветиме максимално, голем предизвик е за мене и мојот тим да пробаме да направиме една респектабилна национална репрезентација – додаде Лазаров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот