Лазар Диманин, првиот градител на виолини во Македонија, има наследнички: Марија, Ева и Ада

Марија, Ева и Ада
Марија, Ева и Ада / Фото: Приватна архива

Лазар Диманин, првиот градител на виолини во Македонија, не можел ниту да претпостави колку неговите пророчки зборови кажани пред цел век ќе бидат преисполнети со успесите што неговата правнука, Ева Богоевска, ќе ги пожнее како виолинистка веќе на детска возраст. Нејзината, пак, мајка, Марија Диманин – Богоевска, отишла преку желбата на прабабата, зашто не само што свири, туку е и професор по пијано. Не заостанува ни Ада втората дама од ова музичко семејство која од најрана возраст ја започнува дружбата со виолончелото.

Ева е виолинистка, Ада свири виолончело, а Марија е педагог по пијано. Марија има ли корени и наназад во вашето семејство оваа традиција во музиката?

– Да ,мојот дедо Лазар Диманин е првиот изработувач на мајсторски виолини во нашата земја. Се сеќавам дека мојата баба честопати зборуваше за тоа колку е важна музиката во воспитувањето на младите. Затоа купила две пијанина за двете ќерки. Така и мајка ми и тетка ми изучувале пијано,тетка ми многу подолго но ниту една од нив не продолжила да се занимава професионално со музика. Јас уште на 7 годишна возраст почнав да свирам пијано. Дома вежбав со тетка ми. Можам да кажам дека негувањето на класичната музика во моето семејство е еден вид традиција, а музиката била секогаш присутна во мојот дом.

Ева, што те привлече кон виолината?

– Имав 7 години кога мајка ми ме однесе на балетот Шехерезада од Римски Корсаков.Тогаш свирев на пијано. Кога го слушнав прекрасното соло на виолина се вљубив во звукот на виолината и од тогаш почнав да ја молам мајка ми да ме префрли на виолина. Иако нејзината желба беше да свирам на пијано, на крајот сепак попушти и ме запиша на виолина.Тоа беше моментот кога ја одбрав виолината. Исто се сеќавам дека си мислев како виолината е помал инструмент и за разлика од клавирот него лесно ќе можам да си го носам секаде со себе за да свирам.

Настап на Ева / Фото: Приватна архива

Ада, зошто се одлучи челото?

– Јас исто како и Ева прво свирев на клавир. Потоа сакав да пробам и некој друг инструмент и многу ми се допадна звукот на виолончелото. Едно време ги свирев и двата инструмента ,но многу поубаво се чувствував на настапите со виолончелото и така решив да свирам чело. Исто си мислев дека би било убаво ние трите да свириме заедно како трио.

Марија, колку е важна подршката од родителот кон она што ќе го одбере детето? Покрај нормално, квалитетите и талентот на детето?

– Поддршката на детето од страна на родителот е еден од клучните елементи кои водат до успех. Формулата за успехот се состои во функционирање на триаголникот: професор ,родител и дете. Ева и Ада имаат среќа што јас не само морално туку и професионално можам да им се најдам во смисла да ги поддржам со пијано придружба, да им помогнам во смисла на сугестија за исполнување на некое дело и сл. Инаку, сметам дека многу важно е родителот да го поддржи детето и во изборот на инструмент и да ја почитува желбата на детето. Морам да признаам дека моја желба и за Ева и за Ада беше да свират на пијано. Двете ги запишав прво на пијано,но двете пројавија интерес за друг инструмент и јас нормално не форсирав по секоја цена да биде по мое. Значи сметам дека е добро децата да се насочат ,не само во музиката туку и во други области, да им се понудат опции за да се пронајдат себеси и она што ќе ги исполнува,но никогаш не треба да им ја ограничиме слободата и нивното право на избор.

Настап на Ада / Фото: Приватна архива

Ева несомнено е дека си виртуоз на виолина. Бројни успеси во земјава и во странство. Ја исполни твојата желба , која што патем си ја зацртала уште од 2017 година?

– Да. Продолжувањето на моето професионално усовршување во класата на еминентниот педагог Сергеј Островски беше моја желба уште од 2017 година.Имено кога како победник на интернационалниот натпревар за класична музика во Њујорк реализирав концерт во Карнеги Хол и имав средба со нашата еминентна пијанистка Илинка Манова која живее и работи во Њујорк.По нејзина препорака успеав да стапам во контакт со професорот кој кога ме преслуша пројави интерес за соработка и така дојде до тоа да ме спреми за приемниот испит во Женева. Конкуренцијата на приемниот испит во Женева беше огромна ,а во класата на професорот Сергеј Островски имаше само едно слободно место. Среќна сум што од толку кандитати од цел свет успеав да влезам во неговата класа. Концептот на работа на професорот ми е многу близок и природен.Од ваков еден врвен виолинист и педагог секако дека има многу да се научи и во техничка и во музичка смисла и јас сум многу среќна поради тоа.Исто така би споменала дека поради моите работни обврски тука, а во пандемијата и отежнатите услови за патување беше доста тешко да ги следам и теоретските предмети кои покрај виолината се дел од мастер програмата во Женева. Во таа смисла сум многу среќна и благодарна што Интернационалниот универзитет Еуропа Прима отвори меморандум за соработка со Женевскиот универзитет така што теоретските предмети можам да ги следам тука, а за виолина и камерна музика патувам во Женева и комбинирам со онлајн настава .Во моментов интензивно се подготвувам за магистерскиот испит.

Ева, освен во Македонската филхармонија си дел од Оркестарот за филмска музика Fames?

– Создавањето на музика на сцена со колегите е навистина прекрасно чувство. Отсекогаш сум го сакала заедничкото музицирање, било да се работи за камерно музицирање или свирење во оркестар. Среќна сум што ја работам работата што ја сакам и тоа ме исполнува. Имам одлична соработка со сите колеги од Филхармонија, работиме на интересни и иновативни проекти.Покрај работата во Филхармонија како што спомнавте, јас сум дел и од Оркестарот за филмска музика Fames каде снимаме филмска музика и каде исто така имам можност да бидам дел од многу интересни и важни проекти.

Ева / Фото: Приватна архива

Ева, колкава е тежината и одговорноста на еден уметник кога настапува на сцена?

– Секој настап има своја тежина поради очекувањата не само на другите од мене туку и од мене самата. Колку ми се поголеми очекувањата и притисокот е поголем .Особено кога сум свирела како претставник на нашата земја сум чувствувала дупло поголема одговорност.Но со искуството ,особено на сцена,тој притисок поради јавен настап се надминува и се учиме како да го контролираме. Јас се обидувам на настапите да не мислам на очекувањата туку само да се препуштам на музиката и да се фокусирам на тоа да го дадам својот максимум.

Марија колкава е пак одговорноста на еден родител кога ќе го види своето дете да настапува на грандиозни сцени и места каде настапиле врвни уметници?

– Воопшто не е едноставно да го слушаш своето дете кога е на сцена,особено не е едноставно кога родителот е музичар ја знае целосно проблематиката на репродуктивната уметност.Бидејки сум запознаена со сите дела што ги изведувала Ева и сум била постојано присутна во процесот на учење на делото секогаш сум ги знаела сите технички потешки , покритични места и да признаам никогаш не сум била релаксиран слушател кој дошол само да ужива во музиката.Јас сум и можеби нејзин најстрог критичар и таа секогаш знаела дека искрено ќе и кажам што мислам после секоја нејзина свирка и сум ја учела секогаш позитивно да прифаќа добронамена критика.

Ада, ти достоинствено ги наследуваш твојата мајка и сестра. Веќе имаш освоено неколку први меѓународни награди. Кои се тие?

– Јас во 2021 година освоив 4 први меѓународни награди: на натпревар за класична музика во Словенија, потоа на натпревар во Белград, Србија, на меѓународниот натпревар Полихимнија ги освоив максималните 100 бода и освоив прва награда на натпревар во Атланта, Америка. Неодамна како првонаградена на натпреварот во Америка добив и покана за настап на концерт во Њујорк. Оваа година освоив и награда на Интернационален натпревар за класична музика во Париз,а сега во мај месец освоив прва награда со освоени максимални 100 поени на Државниот натпревар за музика кој се одржа во Скопје.

Фото: Приватна архива

Ада, што најмногу сакаш да свириш? Дали челото е тежок или лесен инструмент за да се научи?

– Јас најмногу сакам да свирам композиции од композиторот Бревал. Тие ми се најмелодични,но понекогаш сакам и да пробам некоја забавна песна. Секоја нова композициија додека се учи е малку тешка бидејки треба да се внимава на многу работи додека се свири на пример на паралелноста на гудалото,на точните прсти,на точните ноти, на држењето на рацете,на интонацијата и тоа не е баш лесно. Но кога ќе се извежба после не е тешко.

Ада, кој ти помага најмногу при вежбањето?

– Јас на училиште работам со мојата професорка Александра Јаневска, а дома вежбам со мајка ми. Од оваа година прв пат почнав да вежбам и сама. Но се уште ми треба помош на пример околу штимањето на инструментот бидејки ако треба да го штимам од чивија немам толку сила да вртам.На виолината полесно се штима. Понекогаш и Ева ми помага во штимањето, но таа нема многу време.

Марија, вие дома си имате еден мал оркестар. Како се организирате кога треба да вежбате, а сте сите дома?

– Организацијата околу вежбањето почна се повеќе да ни станува проблем бидејки Ада како расте и напредува и таа има потреба од подолго и секојдневно вежбање. Ева и Ада се со инструмент кој можат да го однесат во било која просторија и да вежбаат, но ние некако сите дома сме навикнати да свириме во собата со пијано и во последно време се бориме за слободен термин. Се почесто се случува да вежбаме дома истовремено и од мојот дом се слуша музика постојано. За среќа имаме меѓу комшиите уметници и љубители на музиката кои се многу толерантни за што сум им многу благодарна.

Фото: Приватна архива

Ева, сакате ли често да си засвирите сите заедно?

– Ада сега почнува сериозно да навлегува во тајните на изучувањето на инструментот виолончело па и нејзе сега ѝ треба подолго време и секојдневно да вежба поради што честопати си пречиме. Секој со своите обврски и програми што ги свири и немаме многу време за заедничко музицирање. Но секако знаеме да си засвириме и заедно. Тоа мислам дека особено ја воодушевува Ада бидејки мислам дека сум нејзиниот идол во музиката. Знам дека многу е среќна кога свириме заедно и планирам во иднина да наоѓам повеќе време за заедничко музицирање.

Марија и Ева, имаме ли ние публика за класичната музика, како ја доживувате, од позиција на уметници, Македонија како културна средина?

– Мене ме радува фактот што во изминативе години забележувам поголем интерес на младите за посетување на концерти. Од аспект на педагог можам да кажам дека во Македонија има интерес за изучување на инструменти и класична музика кај децата. Тоа го покажува и големата бројка на деца кои сакаат да се запишат во музичкото училиште. Државно музичко балетскиот училишен центар е адреса од каде излегле врвни музичари кои постигнуваат светски успеси.Така да некаква традиција постапно имаме оформено. Секако на зреењето на културната клима во една средина треба секогаш да се работи. Треба да сме отворени како средина за соработка со докажани професионалци од светот кои можат да придонесат за развој на на нашата културна средина . Не треба да се плашиме од конкуренцијата и да изнаоѓаме изговори за да да си бидеме доволни сами на себе, туку во се да гледаме прилика да споделиме и надополниме знаење зошто само така се оди напред.

 

Извор: espreso.mk

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот