Лавров: Инцидентот со Навални вештачки доби надворешно-политичка димензија
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров смета дека инцидентот со рускиот опозициски лидер Алексеј Навални вештачки доби надворешно-политичка димензија.
–Случајот Навални доби вештачки надворешно-политички тон, а јас би кажал дека тоа е сосема незаконски, истакна Лавров на прес-конференција за резултатите од руската дипломатија во 2020 година, пренесе Тасс.
Прашан за имиџот на Русија по задржувањето на Навални откако синоќа се врати во земјата, Лавров изјави „прво и најважно е дека ние треба да си ја завршиме својата работа, а нашата работа е да ја спроведуваме надворешната политика на Русија”.
Шефот на руската дипломатија потсети дека притворот на Навални бил во полициска надлежност.
Тој потсети и на изјавите на Навални во кои тврди дека практично бил протеран од Русија. Меѓутоа, рече Лавров, сопругата на Навални и германската Влада инсистираа да се пренесе во Германија.
Лавров истакна дека Западот, под различни изговори, и натаму одбива да и ги предаде резултатите од тестовите на Навални на официјална Москва и посочи дека руската страна не нашла траги од хемикалии во тестовите на Навални и дека нема основа да се поведе кривична постапка, без оглед на тоа што велат другите.