Лавров допатува во дводневна посета на Пакистан
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска ја започна дводневната посета на Пакистан, при што, се претпоставува, фокусот ќе биде на мировните разговори во соседен Авганистан. Тоа е прва посета на руски министер за надворешни работи на Пакистан во последните девет години.
Пакистанскиот министер за надворешни работи Шах Махмуд Куреши во видео изјава рече дека посетата укажува на блиски односи меѓу двете земји.
За време на престојот во Пакистан, Лавров ќе се сретне со премиерот Имран Кан и со началникот на армијата на Пакистан, генерал Камар Џавед Бајва. Во делегацијата се наоѓаат 13 официјални лица, меѓу кои и специјалниот претставник на Москва за Авганистан, Замир Кабулов. Русија се обидува да се вклучи во мировните разговори.
Лавров пристигна во посета од Индија, а во пресрет на 1 мај, кога е крајниот рок за повлекување на американската армија од Авганистан, согласно договорот меѓу талибанците и Вашингтон.
САД бараат продолжување од три до шест месеци, но сакаат да ги забрзаат мировните разговори за да се стави крај на војната која трае речиси две децении.
Талибанците предупредија дека нема да има продолжување на рокот и се заканија со нови напади.