Лавров до Гутереш: Сè ова се случува поради неконтролираното ширење на НАТО

Гутереш-Лавров/ Фото EPA-EFE/RUSSIAN FOREIGN AFFAIRS MINISTRY

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека му рекол на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш оти ситуацијата во врска со Украина во голема мера е резултат на неконтролираното ширење на НАТО.

– Како што гледаме, и тоа денеска му го објаснив на нашиот колега и пријател Антонио Гутереш, оваа ситуација е резултат на политиката на неконтролирано ширење на НАТО и инсистирање на монополарен свет, што го спроведуваат нашите американски колеги и нивните сојузници, рече Лавров на прес-конференцијата по средбата со генералниот секретар на ОН.

Тој додаде дека во фокусот на разговорите со генералниот секретар на ОН била ситуацијата во Европа, вклучително и настаните поврзани со Украина и самопрогласените Народни републики Доњецк и Луганск и оти до оваа состојба „не се дошло вчера”.

Рускиот министер за надворешни работи рече дека Русија е посветена на дипломатско решение на конфликтот во Украина, но го отфрли предлогот на Киев за одржување мировни преговори во украинскиот пристаништен град Мариупол, додавајќи дека е премногу рано да се зборува за тоа кој ќе посредува во какви било преговори.

Лавров изрази благодарност до генералниот секретар на ОН и неговиот тим за разбирањето на потребата „да се гледа ситуацијата во и околу Украина во контекст на глобалните процеси, а не изолирано од нив, и за препознавањето на трендовите во тие процеси кои земаат замав и не се секогаш во согласност со идеалите на ОН и со принципите содржани во Повелбата на ОН”, пренесоа руските медиуми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот