Лавров: Aко НАТО агресивно дејствува кон Москва, Русија адекватно ќе одговори

фото: EPA-EFE/ALEXANDER ZEMLIANICHENKO / AP POOL

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска предупреди дека ако НАТО или некоја од членките на Алијансата агресивно дејствува кон Москва, Русија адекватно ќе одговори.

– Нашите противници не треба да се залажуваат. Во случај на агресивни дејствија на НАТО или одредени земји-членки против нашата земја, ќе бидат преземени соодветни одмазднички мерки во согласност со Повелбата на ОН, која го гарантира сувереното право на Русија на самоодбрана и употребата на сите средства за да ја обезбеди својата безбедност. И никој нема да може да се скрие ниту преку Атлантски Океан, ниту преку Ла Манш, наведе Лавров во интервју за РИА Новости.

Тој додаде дека „НАТО долго време не ја крие својата агресивна политика кон Русија“.

Лавров потсети дека стратегиите на Алијансата ја опишуваат Москва како „најзначајна и најдиректна закана за безбедноста“, а раководството на НАТО постојано предупредува за наводните планови на Русија да нападне земја која е дел од Алијансата во наредните години.

– Во исто време, северноатлантскиот воен сојуз забрзано ја милитаризира Европа, а силите на блокот вежбаат офанзивни операции против Москва, посочи Лавров.

Тој нагласи дека ако Киев почне да употребува западно оружје со долг дострел за напади врз руска територија, „тоа ќе значи дека не само Украина, туку и земјите на НАТО отворено војуваат со Русија“.

– Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин зборуваше на оваа тема. На сите треба да им биде јасно дека Украинците не можат самостојно да користат западно високотехнолошки оружја со долг дострел, без разузнавачки сателитски податоци од земјите на НАТО, наведе Лавров.

Рускиот министер за надворешни работи во интервјуто се осврна и на претседателските избори во САД.

– Нема потреба да се сфаќа сериозно она што го зборуваат двајцата кандидати во жарот на предизборната полемика … Нашиот став, формулиран од претседателот на Русија, Владимир Путин, е добро познат. Подготвени сме за рамноправен дијалог ако и кога американската страна покаже сериозни намери да преговара правично, врз основа на признавањето на руските национални интереси и принципот на реципроцитет, истакна Лавров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот