Лавиринтите на идеолошкото слепило

александар шољаковски
Александар Шољаковски, Фото: Архива

За што тоа скандираат и што е тоа што поддржуваат оние сподоби пред руската амбасада? Само во крајно идеолошко слепило може да го поддржувате она што се случува во Украина и да работите против нацијата на која ѝ припаѓате.

Во сите овие превирања околу украинската трагедија, ме фрапира однесувањето на некои наши сонародници. Една група наш народ, пред некој ден јавно и бучно ја манифестираше поддршката за Путин по агресијата врз Украина, пред амбасадата на Русија во Скопје. Толку жестоко навиваа за Путин, со одобрување за неговиот атак врз Украина. Ова ме загрижи и ме засрами особено.

Да се демонстрира не е ништо лошо, честопати е и пожелно. Да се навива исто така, но секако не во време кога бегалците се бројат со милиони, кога деца се смрзнуваат на гранични премини, со мошне неизвесна иднина, кога нивните градови се напаѓаат, а нивните домови се уриваат. Ниеден Путин не може да биде доволна причина да го загубите човечкиот лик и елементарната емпатија кон оние што страдаат. Пушти политика, зашто политика во случајов и нема, но има човечко страдање кое не може да се игнорира, а притоа тој што го предизвикал да биде славен и поддржуван.

Дали ја сакате Русија? Да! Многу! Како земја, заедница на една голема словенска култура, како колепка на безброј светски парадигматични писатели, научници, музичари. И, ако сте заборавиле, земја со народ што го поднел неспоредливо најголемиот товар и жртви во Втората светска војна. Но, што има тука каква било врска со поддршка на Путин, кој отишол во друга, соседна земја, загрозил четириесет и кусур милиони луѓе, избркал неколку милиони, да не зборуваме за материјалните штети? За славата на Русија тој нема никаква заслуга, зашто неговото место во историјата сигурно ќе биде во делот на големите злосторници. И сè што направил е под изговори за кои може дебело да се дискутира, а кои не се  убедливи и се силно пропагандно обоени и соодветно исконструирани. Се зборува за нацификација на земјата, за ширење на непријателство кон Русија, за јазик на омразата…

За утеха (попрво, за уште поголема загриженост) е и јавното мнение во прилог на Путин и агресијата кај нашиот важен сосед Србија (од каде што кај нас доаѓаат многу информации и влијанија), а која не толку одамна го има доживеано истото она што ѝ се случува на Украина. Една голема сила (САД) решава дека на Косово албанското мнозинство има право да се осамостои. Кога Србија се спротивставува на тоа, таа е бомбардирана! Заменете и наместо Косово ставете Луганск/Доњецк кои исто така сакале да бидат самостојни или автономни, сеедно, а големата Русија со сила им го овозможува тоа! Одете понатаму и размислете: ако оваа доктрина(!?) помине и во Украина, дали некогаш некој бугарски Путин, на пример, кој исто така нема да ја признава македонската нација бидејќи според него таа е вештачка творба (како и украинската за Путин) еден ден ќе посака, на пример, дел од источна Северна Македонија во која некој ќе рече дека сака да се осамостои да биде помогнат од земјата која е три-четири пати поголема од Македонија (како и Русија во однос на Украина). Притоа, како и со Украина, ќе се посочат како обвинувања искривувањата на историјата, говорот на омраза… (Нешто ми се познати овие места, дали за нив се зборуваше во онаа македонско-бугарската комисија или само сум под влијание на она што се случува!?)

И сега се прашувам – за што тоа скандираат и што е тоа што поддржуваат оние сподоби пред руската амбасада? Двојното чувство кон Русија (претходно кон Советскиот Сојуз), кај нас не е новост. Повикот на КПЈ за борба против нацистите на 4 јули 1941 бил во име на другарот Сталин, партизаните  гинеле во името на Сталин. До 1948 година Сталин бил величан (барабар со Тито), бил идолот, божеството кое е сесрдно обожувано. Потоа дошло до раскин помеѓу двајцата, а оние што мислеле дека Сталин е вистинскиот, заглавиле на Голи Оток, во една од најмрачните епизоди во тогашната Југославија и нејзината КПЈ. Се прашувам, дали овие пред амбасадата се од истиот вид на оние што ја поминале таа голгота на Голи Оток или се нивни наследници, следбеници, а можеби и современи платеници? Зашто, само во лавиринтот на крајно идеолошко слепило може да го поддржувате она што се случува во Украина (макар што не гледам идеологија, туку само насилство и слепило) и да работите во корист на сопствената штета, односно против нацијата на која ѝ припаѓате. Спротивно на сите хуманистички, цивилизациски и какви сакате човечки вредности и принципи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот