Има само 16 години, а веќе ги повлече вистинските конци в раце на нашата музичка сцена.
Лара Иванова уште од најрана возраст се занимава со музичко-сценска дејност, учествувала на детски фестивали, балетски претстави, мјузикли, каде – вели – научила што е сцена, однос кон публика и како се изразуваат емоции при изведба на музичко-сценско дело. Тоа искуство многу ѝ помогнало на настапите на последните две изданија на „Макфест“, како и за снимањето на видеозаписите за нејзините песни.

На што се должи популарноста на музичката сцена, освен на неспорниот талент, се најде ли во вистинско време на вистинско место или интуитивно ги одбра вистинските соработници?
– Би рекла дека покрај тоа што се најдов во вистинско време на вистинско место, секако ги одбрав и вистинските соработници, а тоа се Иле Спасев, кој е автор и продуцент на музиката на сите мои песни, и Робин Зимбаков, кој е текстописец.
Што научи од популарноста и што значи да се биде популарен особено меѓу своите врснички, постои ли љубомора или пак, солидарност?
– Мислам дека не би можела да зборувам за некаква популарност, бидејќи сè уште сум на самиот почеток, најважно ми е песните да бидат слушани и да го најдат својот пат до публиката. Јас сè уште сум истата Лара помеѓу своите врсници и мислам дека нема место за љубомора, а поддршка добивам секојдневно, како од моите најблиски, така и од луѓе кои не ги познавам.
Што ѝ недостига на македонската фестивалска сцена?
– Најпрво би рекла дека недостасуваат повеќе фестивали од типот на Скопски фестивал, како и настапи на повеќе млади изведувачи.
Каде се гледаш себеси за 10 години од сега?
– Од мене во иднина може да очекувате многу нови песни, видеозаписи, настапи, фестивали, а на времето оставам да покаже каде ќе се најдам за десетина години.
На кого најмногу му дозволуваш сега да се „меша“ во твојот музички избор каква песна треба да испееш?
– Секако тоа се Иле и Робин, во кои имам најмногу доверба. Соработката ни е прекрасна и ќе продолжи и понатаму.