Лапорта во офанзива: Агуеро доби официјална понуда од Барса!

Фото: EPA-EFE/JAMES BOARDMAN

Само што стапи на функција новиот претседател на Барселона, Жоан Лапорта, тој веќе е активен на фудбалскиот трансфер пазар.

Според порталот „TyC“, добро информиран кога се во прашање аргентинските фудбалери, Серхио Агуеро добил официјална понуда од Барселона да биде нејзин играч од следната сезона.

Напаѓачот на Манчестер сити на лето ќе биде слободен агент бидејќи неговиот договор истекува со премиерлигашот, а тој ќе биде „мета“ на многу врвни клубови. „Граѓаните“ сè уште не се откажаа од намерата да го убедат Агуеро да остане, да ја продолжат соработката, но тоа сега е помалку реална опција.

Најголемата причина зошто многумина го гледаат Агуеро во Барселона е неговиот сонародник Лионел Меси. Двајцата се пријатели повеќе од 15 години и никогаш не ја криеле желбата да играат заедно во еден клуб. Лапорта го посакува Агуеро и доколку успее да го ангажира, можеби и ќе го убеди Меси да остане на „Камп Ноу“, бидејќи и неговиот договор истекува во јуни.

Фото: EPA-EFE/Juan Ignacio Roncoroni

Првите контакти меѓу двете страни беа воспоставени за време на претседателската кампања, а Лапорта, веднаш штом победи на изборите, испрати понуда до Агуеро, кој доби време да размисли. Колку точно е понудата, колку би заработувал во Барса и на колку години би потпишал договорот, засега е тајна.

Пред три недели, во интервју за шпанските медиуми, Агуеро на прашањето дали би сакал да игра со Меси, рече:

– Кој не би сакал да игра со Лео? – беа зборовите на Агуеро.

Шпанската лига му е добро позната на Кун, тој играше за Атлетико Мадрид од 2006 до 2011 година, а сè уште има куќа во Мадрид, иако е во Англија веќе една деценија.

Аргентинецот пропушти голем дел од оваа сезона поради повреди, одигра само 11 натпревари и постигна два гола. Но, гигантите како Барселона, Сити, ПСЖ, Интер и натаму веруваат дека 32-годишниот фудбалер може да игра на највисоко ниво.

Спасителот на Барселона подготвува удар на Реал и Перез, им краде две засилувања

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот