Лапорта плачеше на инаугурацијата, а потоа му се извини на Лионел Меси!
По шест месеци, фудбалскиот клуб Барселона конечно доби нов претседател, а тоа е Жоан Лапорта. Убедливо славеше на претседателските избори пред 10 дена и по 10 години се враќа на оваа функција.
Вечерва на „Камп Ноу“ се одржа инаугурацијата на новиот претседател на каталонскиот клуб, а Лапорта имаше прилично емотивен говор пред членовите и играчите на Барселона.
Лапорта се сети на својот татко, кој почина пред неколку години и рече дека сака да ја врати Барселона на самиот врв на фудбалот, каде ја остави пред 10 години.
– Во 2003 година, сите бевме на истото место каде што сме сега. Татко ми беше таму, дојде на инаугурацијата. Тој човек беше со толку тежок карактер, не сте ни свесни колку. Сепак, тој плачеше за време на мојот говор. Тоа многу ме трогна. Тато, каде и да си на небото, помогни ми повторно да ја направам вистинската работа за овој клуб, на најдобар можен начин – беа зборовите на Лапорта.
? @JoanLaportaFCB & Leo #Messi ?? pic.twitter.com/qpvY72yMsb
— FC Barcelona (@FCBarcelona) March 17, 2021
Претседателот на Барселона тогаш зборуваше за Лионел Меси кој исто така присуствуваше, и му се извини што толку јавно го спомна.
– Ќе донесам големи одлуки. На пример, ќе го „натерам“ Лео Меси да остане (се смее). Ќе направам сè што е во моја моќ да го задржам Лео кај нас. Лео, извини што се спомнувам толку јавно, но јас те почитувам неизмерно и те сакам, Барса те сака и почитува.
Барса отсекогаш била повеќе од клуб. Ние ја претставуваме Каталонија, ние сме симболот на Каталонија во светот. Стабилноста е клучот за сè. Кога ќе му вратиме стабилна база на клубот, сè друго ќе биде подобро. Ние сакаме повторно да освојува трофеи во Лигата на шампионите. Роналд (тренерот на Барселона), знаеш дека ја имаш мојата целосна доверба, како и мојата администрација. Ние веруваме во тебе – додаде Лапорта.