Лансирање, ама не како што мислевме

„Муншот“ е името на најновата идеја/проект на премиерот Борис Џонсон и соработниците – за масовно тестирање за ковид-19. Според планот, премиерот вели дека милиони луѓе ќе можат да бидат масовно тестирани дневно, а резултатите ќе бидат познати во рок од десетина минути.

„Операција Муншот“, колку  грандиозно звучи ова! Како од некој филм со Џемс Бонд, ама сега не со Шон Конери, Роџер Мур, Пирс Броснан или Даниел Крејг (другите не ми влегуваат во најтесната конкуренција на актери што оставиле трага, глумејќи го легендарниот таен агент на британската разузнавачка служба, лиценциран да убива). Ете, тоа е планот. Не, не ни подготвуваат да нѐ лансираат на Месечината, како што можеби сугерира името.

„Муншот“, покрај лансирање на Месечината, е исто така и синоним за некаква активност, на пример кога некоја компанија сака да спроведе брз и ефикасен проект, таканаречен „муншот“, или лансирање проект за да се привлечат врвни стручни лица.  И ова е името на најновата идеја/проект на премиерот Борис Џонсон и соработниците за масовно тестирање за ковид-19. Според планот,  премиерот вели дека милиони луѓе ќе можат да бидат масовно тестирани дневно, а резултатите ќе бидат познати во рок од десетина минути.

Само шестмина

О кеј, премиерот е подослабен и редовно вежба и го шета кучето и велат дека е во добра форма и само малку се задишува кога држи прес-конференции и кога некој од новинарите ќе му постави некое така малку понезгодно прашање. Како на пример – па добро, нели на 17-ти минатиот месец рековте сѐ е во ред и дека ќе ги олабавите мерките и до Божиќ ќе здивнеме, а ете сега се зголемува бројот на заразени и ни велите дека од понеделник само по шест души ќе можеме да се дружиме, а за Божиќ како тргнало, ќе можеме само да сонуваме, што би рекол Нет Кинг Кол, бел (со снег) или не, оти тука снег паѓа еднаш на шест години, и тоа само кога јас не сум во државата…

Прочитајте и...  Ќе се бесиме на телефонските бандери!

Но, да се вратам јас на подослабениот премиер. Е сега, Џемс Бонд не е, макар што една на Твитер му даде комплимент дека се разубавел, во смисла – фина му била фризурата и побара да ја открие тајната, со кој шампон ја мие косата, што му е толку светкава и мазна. Но БоЏо помина со раце низ косата, ја разбушави (тоа му е веќе традиционален гест) и додека нацијата се обидуваше да го разбере новото правило за ставање вон закон собирање на повеќе од шест лица, а тој зборуваше без да одговори директно на ниту едно прашање, јас се концентрирав на она што ми звучеше како научна фантастика – „Операцијата Муншот“.

„Буквално милиони тестови ќе можат да бидат процесуирани секој ден“, ни рече, опишувајќи ги новите „едноставни, брзи и мерливи“ тестови, со кои ќе може да се утврди дали некој има коронавирус за дваесетина минути. Тој опиша како новата технологија ќе овозможи театрите и спортските терени да тестираат толпи народ и која има потенцијал да ги трансформира работните места. Тоа ќе биде лесно и брзо, речиси како тестови за утврдување бременост, рече Борис, и еднаш кога луѓето ќе знаат дека немаат вирус, ќе може да се однесуваат нормално. Ура, извикаа оптимистите, меѓу кои и непоправливите, како јас. Конечно, добра вест!

Според протечените информации до кои дојде Британскиот медицински журнал, Велика Британија изготви планови за евентуално да спроведе до 10 милиони ковид-19 тестови дневно на почетокот на 2021 година – по цена од 100 милијарди фунти. Добро сега, сѐ што вреди, чини пари. И ќе почекаме, ене кај е 2021-вата…

Прочитајте и...  Ќе се бесиме на телефонските бандери!

Звучи фино? Ама…

Ако тие дваесетминутни тестови ги имаме, ве слушам како прашувате, каде да се наредиме да се тестираме? Каде да ги нарачаме? Може по Амазон, кој испорачува секаде, па дури и во Македонија?!

Е, па –  тестовите ги нема. Сѐ уште. Ни сега, а дали ќе ги има во 2021 година, не се знае. Како она со Ѓекна… Откако владата се пофали со „најдобрата апликација на белиот свет за тестирање и следење на заразата“ која потоа ја откажа, па се сврте на дуинг бизнис со Гугл, па пак се врати на сопствени сили, сега се соочува со непостоечки тестови. О кеј, знаеме дека не е лесно, ама па ако бараат да имаме разбирање што ги праќаат луѓето да се тестираат од еден на друг крај на земјата кога треба да поминат со сопствен или јавен превоз стотици милји пред да дознаат дали „се или не се“ (јас немам разбирање), мислам дека со промоцијата за нешто што сѐ уште го нема, се претера.

Министерот за транспорт Грант Шапс призна дека на светот сѐ уште не постои „верификуван ковид-тест“ кој дава резултати за десетина минути како што планира владата во програмата „Операција Муншот“. Тој за „Скајњуз“ изјави дека знае оти ова не е лесно ниту едноставно, но се надева дека оваа технологијата, кога ќе биде развиена уште малку, ќе биде успешна. Имаме луѓе, рече тој, кои сега работат на прототип на овој тест. Реков јас, Ѓекна…

Значи, кога стоеше Борис Џонсон на прес-конференција и ја обнароди „Операцијата Муншот“, заборави да каже дека – тест нема, дека не е испробан и дека не се знае кој ќе го произведува и дистрибуира.

Прочитајте и...  Ќе се бесиме на телефонските бандери!

Признавам, не ѝ е лесно на владата. Особено не во ваква ситуација без преседан. Особено не со премиер што има обичај да се фали и да претерува. Си мислам, што ќе се случеше да беше тој во некоја балканска земја и да обнародеше ваков, непостоечки тест, па уште и да кажеше колку е лесен за употреба и дека е за милиони луѓе. И да го споредеше со тест за бременост, а знаеме како се утврдува бременоста со стапчето за тестирање. Па со стапчиња за бременост ќе му излезеа луѓе и ќе му мавтаа и тропаа, стапчиња со две сини или црвени и ќе се мајтапеа и душа ќе му вадеа и ќе му кажеа што и како со стапчињата и ќе го лансираа на специфичен начин! Има среќа што не е појужно…

Две третини од Британците сметаат дека справувањето со ковид-19 е поважно од климатските промени, и тоа во земја во која грижата за човековата околина се сфаќа исклучително сериозно и во која ковид-нековид, и натаму религиозно си ги делиме и селектираме отпадоците. А ете, ни спомнуваат лесни и брзи тестови како за бременост кои ги нема и систем за тестирање и следење кој не функционира и работни места што не постојат и број на заразени што се зголемува и дружење од понеделник на само шест лица (кои го бараат писателот) и премиер што тера фризура на Даниел Крејг, ама како тргнало, ќе заврши како Шон Конери… Што е следно? Некој спомна брегзит?!

Прочитај повеќе

Ќе се бесиме на телефонските бандери!

Сашо Орданоски

Езерата се повлекуваат во себе, се срамат од луѓето!

Бајден поубедлив од Трамп во дебата без јасен победник!

Слободен печат

Национализам: Прпелкање во калта и јадење политички помии

Џабир Дерала

Гордана и Миле – жртви на семејно насилство?!

Сашо Орданоски

Отворено писмо до Бојко Борисов

Атанас Костовски

Остави Коментар

Прочитај повеќе

Не му судете на Гоце со модерни закони

Срѓан Ивановиќ

Изгубени во македонската прашума

Сашо Орданоски

Владина помош и за протестите на ВМРО ДПМНЕ

Љубиша Николовски

Може ли Зоран да биде Вили во балканското гето?

Ненад Јовановиќ

Нови мерки, нови бројки, нова граница?

Жанета Скерлев

На плимата на новофашистичките климатски промени

Мирослав Грчев